Агелер: Честитки до Шеќеринска, идниот заменик-генерален секретар на НАТО и до премиерот Мицкоски и Владата што ја поддржаа нејзината кандидатура

Американската амбасадорка Анџела Агелер упати честитка за изборот на Радмила Шеќеринска за заменик генерален секретар на НАТО.

Честитки до Радмила Шеќеринска идниот заменик-генерален секретар на НАТО, како и до премиерот Христијан Мицкоски и за Владата на Македонија што ја поддржаа нејзината кандидатура. Моќен доказ за стручноста и искуството на Шекеринска и на улогата на Македонија како ценет сојузник на НАТО и партнер на САД, напиша Агелер на мрежата Х.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте одлучи да ја назначи Радмила Шекеринска за негова идна заменичка.

Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа вистински верува во НАТО, знае каква работа е потребна за приклучување во НАТО и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа штом ја презема оваа витална улога, наведува Руте во соопштението објавено на веб страницата на Алијансата.

Се посочува и дека Радмила Шекеринска претходно беше вицепремиер за европски интеграции и министер за одбрана на Македонија, вклучително и пред влезот на земјата во НАТО во 2020 година.

Шекеринска треба да ја преземе функцијата заменик генерален секретар на НАТО до крајот на годинава.

Сподели ја оваа статија