Бектеши: Можни се тензиите по укинувањето на балансерот

ДУИ предупредува на зголемување на тензиите откако беше укинат „балансерот“ за етнички вработувања.

Екс-министерот за економија, Крешник Бектеши, во интервју за Радио Слободна Европа вели дека разговорите за датумот на најавените протести сè уште се во тек.

Тој нагласи дека законот за правична застапеност ќе добие поддршка само доколку ги гарантира правата на сите заедници.

„Не сакам да го коментирам овој закон, бидејќи негативно влијае на меѓуетничките односи во државата. Треба да се внимава при носењето на вакви сензитивни одлуки кои не ја водат државата напред, туку ја враќаат назад, пред Охридскиот рамковен договор, кога можеа да растат тензиите. За жал, ДУИ интензивно работи за тоа да не се случи, бидејќи наш приоритет е интеграцијата на државата во Европската Унија“ изјави Бектеши.

Во однос на прашањето дали ДУИ ќе подржи Закон за правична застапеност како замена за „балансерот“, Бектеши рече дека ако новиот предлог е добар за сите етнички заедници вклучително и за македонската секако дека ДУИ ќе го поддржи.

„Но, ние треба да имаме драфт на тоа законско решение иако и тој закон треба да има некој механизам кој ќе биде рамноправен за сите етнички заедници да можат да бидат претставувани“, додава тој.

Бектеши смета дека „оваа влада секојдневно прави толку скандали што секој ден по еден протест би требало да се одржи од страна на граѓаните“.

Прашан дали ова ќе биде обидот за дестабилизација кој го најавуваше премиерот Мицкоски, Бектеши вели дека Мицкоски од првиот ден откако е станат премиер кажува дека ДУИ организира можна дестабилизација.

„Јас мислам дека потезите на Мицкоски и коалицијата Вреди водат кон дестабилизација и тие самите сакаат да дестабилизираат“, вели Бектеши.

Сподели ја оваа статија