Бројот на потврените смртни случаи во Босна и Херцеговина се искачи на 18 откако во саботата во текот на денот беа пронајдени телата на уште две жртви, а се трага по уште осум исчезнати лица во северниот дел на Херцеговина, кој најмногу настрада во поплавите и карпите.
Шефот на Секторот за односи со јавноста на владата на Херцеговско-неретванската жупанија Дарко Јука, изјавил за агенцијата Hina дека едното безживотно тело е откриено во градот Доња Јабланица, а другото во селото Бутуровиќ Поље во општина Коњиќ.
Досега петнаесет лица загинаа во поплавите и одроните во Херцеговина што во петокот вечерта го погодија овој дел од земјата.
Уште три лица се удавија во поплавите што се случија по обилните дождови во Фојница во централна Босна.
Сѐ уште се трага по најмалку пет исчезнати лица во Доња Јабланица и тројца во Бутуровиќ Поље.
Потрагата ја отежнува дождот кој повторно почна да врне, а сѐ поголема е загриженоста за нови порои.
Огромно количество камен, песок и земја паднало врз селото Доња Јабланица и затрупало голем број куќи во кои биле сместени цели семејства.
Во Бутуровиќ Поље се урнати 20 семејни куќи, додека во Доња Јабланица можеме да зборуваме за десетици урнати објекти.