(ВИДЕО) Објавен нов трејлер за првиот македонски долгометражен анимиран филм

На официјалната фејсбук-страница на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, објавен е нов трејлер.

„Со задоволство ви ја претставуваме американската верзија на новиот трејлер на ‘Јон Вардар против галаксијата’! Благодарност до Давид Мука за нарацијата и до Валентино Скендеровски за снимањето“, пишува во описот на видеото.

„Јон Вардар против галаксијата“ е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани, кои се на мисија да ја спасат галаксијата од себеси.

Режијата е на Гоце Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Филмот е на редовниот репертоар на „Синеплекс“ и „Киноверзум“ во Скопје, Штип и во Велес. Информации за времето на прикажувањaта и во другите градови има на официјалната фејсбук-страница на филмот.

Сподели ја оваа статија