Борбата против корупцијата мора да биде безмислосна ако сакаме напредок. Од оваа борба зависи напредокот на нашата држава на секое поле. Корупцијата е длабоко навлезена во секоја пора од општеството и, за жал, стана нормално да се зборува дека за да се заврши некоја работа, ти требаат врски или мито, смета заменик-министерката за европски прашања, доц. д-р Викторија Трајков. Но, како што вели, кога се работи посветено и одговорно, резултатите мора да дојдат. Нагласува дека уште отсега имаат конкретен план што треба точно да се сработи, со цел да се обезбедат суштински подобрувања во борбата против корупцијата и владеењето на правото. Со Трајков за Република разговараше непосредно по објавувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија.
Колку Македонија реално е подговена за почеток на преговорите со ЕУ споредено со земјите од регионот кога тие ги почнуваа преговорите?
Трајков: Сметам дека Македонија е повеќе од подготвена за почеток на преговорите, особено ако се спореди со ситуациите на земјите од регионот кога тие ги почнуваа своите пристапни преговори. Македонија има постигнато значителен напредок во клучни реформски области, а доказ за тоа се извештаите кои Македонија ги добива и во кои јасно се потврдува дека земјата е подготвена да ги отвори пристапните преговори, но единствена пречка беа билатералните спорови, прво со Грција, а сега со Бугарија. Продолжувањето на овој реформски пат и градењето стабилни односи со соседите ќе бидат клучни да се осигура поддршка за пристапување.
Во која област би имале најголем проблем, дале е тоа судството, корупцијата, владеењето на правото?
Трајков: За сите три области имаме загрижувачки забелешки од ЕК. Затоа се неопходни длабоки реформи во правниот систем. На врвот на интересот на граѓаните и на Владата, но и на европската агенда и Европската Унија, е токму тоа. Наидуваме на страшни и поразителни случувања. Јас немам ингеренции во тој дел, но како дел од европската агенда и поглавјата поврзани со правото и правната држава, чувствувам обврска да се задржам на ова. Оваа тема не смее да има партиски или етнички предзнак. Законот треба да важи за сите. Народот е изневеруван по овие прашања многу пати досега и нема простор за нови разочарувања. Владеењето на правото, судството и корупцијата се нашата најголема болка. Борбата против корупцијата мора да биде безмислосна ако сакаме напредок. Од оваа борба зависи напредокот на нашата држава на секое поле. Корупцијата е длабоко навлезена во секоја пора од општеството и, за жал, стана нормално да се зборува дека за да се заврши некоја работа, ти требаат врски или мито. Еве на пример, овие денови излезе анкета од Стопанските комори, во која бизнисмени сведочат дека за време на минатата власт на приватни компании им биле барани oд 1.000 до 10.000 евра за одредени дозволи, инспекциски надзори, царински, а кај јавните набавки 6 до 10 проценти од вредноста на тендерот. Дури 78 отсто од коруптивните барања доаѓале од централната власт. Сето ова само ја намалува довербата на граѓаните во институциите. Затоа, важно е и да има судски епилог за сите случаи поврзани со корупцијата.
Дали извештајот на ЕК објективно ја покажува состојбата во Македонија?
Трајков: Сметам дека Извештајот е објективен и реален. Ние ваков извештај очекувавме, иако морам да подвлечам дека овој извештај во голема мера е „наследен“ од минатата власт. Оваа Влада трае нешто повеќе од сто дена, кус период што било да се смени или да се поправи. Со Извештајот добиваме насоки за области во кои сме направиле напредок и за оние каде што е потребна поголема посветеност. Оваа објективност е вредна за нас, бидејќи ни дава поттик да ги подобриме состојбите и да продолжиме со реформите.
Има ли расположение во ЕУ да се прифати предлогот на Мицкоски за уставни измени со одложено дејство?
Трајков: Премиерот и Владата имаат јасни ставови за начинот на кој може да се бара излез од статус квото оптоварено со историски теми. Тоа е двонасочна улица. Исто како и довербата. Мојот личен став е дека мора да се почне да се работи на создавање доверба и уривање на табуата. Треба да се искористи економијата, трговската размена, културата, образованието, заеднички меѓугранични проекти кои и, всушност, самата Европска Унија ги потпомага. Да се покаже дека за двете земји поважна е соработката отколку фокусирање на меѓусебните разлики. Факт е дека за овие прашања има разлики, а наша обврска е да работиме и да ги решаваме. Таквите непропорционални пристапи, како овој кон нас, се проблем и за Унијата колку и таа да има и внатрешни предизвици. Мора да сме свесни дека евроскептицизмот е непријател на нашата агенда и ние мора да покажеме пред граѓаните исправноста на одлуките кои ги носиме. Европската Унија кај нас се идентификува со квалитетен живот, висок стандард и цивилизациски вредности кон кои се стремиме. Мора заеднички да се приближиме и со внатрешни реформи да работиме на сите грешки кои се направени во минатото, да ги направиме институциите функционални, ефикасни и да ја донесеме Европа тука. Предлогот на премиерот Мицкоски не е отфрлен, на дипломатски план е многу направено иако се поминати само 100 дена откога сме ја превзеле власта. Тоа е прекратко време да се зборува за каква било оценка.
Една од забелешките во извештајот на ЕК е дека Македонија нема напредок во борбата против корупцијата. Честопати слушаме борба против корупција, правна држава владеење на правато, но некако тоа тешко се спроведува. Може ли да очекуваме подобар извештај следната година, кога се работи за оваа тема?
Трајков: Кога се работи посветено и одговорно резултатите мора да дојдат. Затоа уште отсега имаме конкретен план што точно треба да се сработи, со цел да се обезбедат суштински подобрувања во борбата против корупцијата и владеењето на правото. ЕК посочува дека треба да се донесе нов закон за парнична постапка и да се започне со нова стратегија во реформите на судството и целосно функционален АКМИС систем. Бидете уверени дека тоа ќе го постигнеме. Сите овие мерки се насочени кон подобрување на правната рамка и зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем.
Пред некој месец беше презентирана реформска агенда 2024-2027, која е нотирана во извештајот за напредокот како одлично изработен документ и најдобар од земјите на Западен Балкан.
Трајков: Реформската агенда е само потврда за она што го говорам дека ние сме подготвени за почеток на преговорите, а сега тоа го констатираше и ЕК во Извештајот. Со успешна имплементација на агендата, на Македонија ѝ е одобрена финансиска поддршка во износ од 750 милиони евра до 2027 година, што претставува сериозна поддршка за континуираните реформи. Овие средства ќе бидат клучни за зајакнување на правната држава, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација и други приоритетни области.
Каков е статус на искористување на ИПА средства? Што е со обврската за враќање на неискористени средства од ИПА 2? Колку знаеме да ги искористиме тие средства и да понудиме добри проекти?
Трајков: Искористувањето на ИПА (Инструмент за претпристапна помош) средствата е важен индикатор за способноста на Македонија да ги апсорбира и искористи достапните европски фондови. Некои фондови од ИПА 2 кои не биле искористени треба да се вратат, што истакнува колку е важно навремено планирање. Најголемите предизвици со искористувањето на ИПА средствата се јавуваат поради административни бариери, недостаток на подготвени проекти, но и ограничената техничка подготвеност во некои сектори. За да ги искористиме овие фондови поефикасно, потребно е посилно вклучување на сите релевантни институции во подготовка на проекти, како и зголемена обука и поддршка за тимовите задолжени за нивно спроведување. Во моментов, акцентот е ставен на зголемување на искористеноста на ИПА 3 (2021–2027), со фокус на нови и одржливи проекти кои ќе бидат прифатливи за ЕУ и директно ќе ги поддржат реформските приоритети. За тоа е потребна подобра координација, но и зголемени напори за подготвување на проекти што ќе ја зголемат економската и социјалната отпорност на земјата.
Какви се вашите сознанија за злоупотреба на ИПА фондовите? Ова е тема за која честопати се говори во јавноста.
Трајков: Презафатени се ревизорите периодов, но планираме темелна ревизија. Од тоа што го гледаме ситуацијата не е сјајна. Напротив. Далеку од европско е однесувањето на оние кои од уста не ги вадеа европските вредности. Би рекла, дури дека со нивното однесување и постојаната злоупотреба на европските теми и криење зад празни флоскули како европски фронтови и коалиции, само штета прават на кредибилитетот на европскиот процес и на европските вредности. Директна штета дури и на угледот на ЕУ. Затоа не сакам сè уште да зборувам само за впечатоци, ревизијата ќе си го каже своето. Наша задача е да се извадиме од калта во која нè закотвија, да ги направиме институциите отчетни, професионални и ефикасни и да ја придвижиме земјата на патот кон ЕУ. Тоа е она што се очекува од нас.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања ги продолжи разговорите за теми поврзани со историјата, една од можеби најболните точки во преговорите. Дали има надеж за одблокирање на процесот со Бугарија?
Трајков: Целта на комисијата е да наоѓа решенија кои се добиени по пат на компромис и во согласност со фактите, а не да си игра играчки со македонската историја и идентитетот по пат на политички притисок и со тоа дополнително да ги усложнува проблемите. Тоа треба да е суштински независно тело и да работи одговорно затоа што заради непропорционални и ексклузивни услови за Македонија, како налогот за дискусии за историјата, се влијае и врз еворпскиот пат на државата. Комисијата мора да дејствува со дигнитет и одговорност кон иднината на државата а водејќи сметка за националните интереси. Тоа не е воопшто едноставна работа имајќи ја предвид сензитивноста на јавностите и во двете земји по однос на овие прашања. Историјата за Бугарија стана политичка тема, а со таа тема ефектите кон нас се такви што водат кон спречување на еден политички процес кој е од исклучителна важност за државата и врвен стратешки приоритет на Владата.
Што се случува со регионалната иницијатива за Отворен Балкан и слични проекти. Дали ќе ги поддржи новата влада овие иницијативи?
Трајков: Очигледно е дека има застој во регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, но ние немаме намера да се откажеме од секаков вид соработка меѓу земјите од регионот. Сметам дека „Отворен Балкан“ има повеќе придобивки, како што е слободен проток на луѓе и стока на границите, развивање на бизнисот, работните дозволи како и туризмот.
Освен коментарите за употребата на уставното име, на социјалните мрежи има и лични навреди па и закани до Вас. Како ги коментирате таквите напади и дали ќе преземете чекори за утврдување на одговорност поради навреди/напад кон вашата личност како политичар, дипломат, па и жена?
Трајков: Најголемиот дел од тие недолични коментари се ботови кои доаѓаат од ист центар, но и да не се дел од нив, не би се задржувала на нив воопшто ниту имаат значење во мојот живот и делување. Таа токсичност и лоша енергија нè влече во иста кал во која предолго стагнираме како држава. Мора да се издигнеме над сето тоа, над тие навреди и хајки, лични напади и напади на нечие семејство. Само ако се издигнеме над тоа, ќе ги гледаме јасно вистинските проблеми и предизвици во државата и ќе може да бидеме продуктивни. Јас гледам напред и сакам да ѝ помогнам на државата колку што можам во нејзината евроинтеграција затоа што сум убедена дека тоа е вистинскиот пат за подобар живот на нашите сограѓани, европските вредности се тие кон кои треба да се стремиме, а меѓу нив е и вредноста на слободата на изразување макар тоа било и нечија навреда. Јас сум го одбрала овој пат и ќе работам посветено за сите, вклучително и за тие што ме навредуваат.
За крај, дали Македонија ќе успее?
Трајков: Како што кажав, ние сме многу мал период на власт. Наследивме опустошена држава и држава со буџет „на колена.“ Прерано е да се зборува за било каква оценка но она што е повеќе од јасно е одлучноста, одговорноста и определбата и бескомпромисноста во намерите на Владата да промени нешто да биде подобро и мора да биде подобро. Потребно ни е заедништво, соживот и заеднички напредок. Јас искрено сум убедена во ова што го зборувам. Имам добар дел од својот живот поминато надвор од државата и знам дека можеме да успееме. Македонија може и мора да успее.
Разговараше: Игор Чавески Република