Владата и банките продолжуваат со преговорите околу унгарскиот заем

Владата и банките продолжуваат со преговорите околу условите за пласманот на унгарскиот заем за македонските компании. Начелно постои договор околу роковите за исплата, но не и околу каматата што ќе треба да се исплаќа, за која од двете страни има волја за доближување на ставовите.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера по средбата со Македонската банкарска асоцијација, на која требаше да се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, рече дека уште ќе се преговара.

Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова за конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите, рече Мицкоски.

Целта, е како што рече, каматата што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да ги добие парите по пониска камата.

– Можеби за некоја година би издале еврообврзница со која предвреме би го вратиле овој кредит, бидејќи знаеме дека немаме таму каматна стапка. Може ќе се одлучиме и за други механизми, во зависност од интересот на државата. Целта е каматата што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие пониска камата. Реално има трошоци што ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали, зависи тука и од политиките на централната банка. Затоа велам, да не зборуваме се уште за проценти, да ги доближиме ставовите, и тогаш официјално ќе излеземе со позиција, рече Мицкоски.

Според него, банките изразиле желба и подготвеност да бидат дел од овој процес, а во однос на рочноста заземен е заеднички став тоа да биде до три години грејс период и до 15 години рок на отплата.

– Во делот на рочноста земавме заеднички став дека во зависност од барањата на клиентите ќе ја користиме формулацијата – до три години грејс период и до 15 години рок на отплата, бидејќи членките кажаа дека имаат одделни клиенти кои сакаат можеби и пократок рок итн. Затоа велиме до три години и до 15 години рок на отплата, рече Мицкоски.

За премиерот Мицкоски, важно е преговорите со банките да завршат успешно за конечно компаниите да ги добијат парите наменети за нив. Со унгарскиот заем, смета тој, ќе и се помогне на македонската економија со оглед на информациите дека автомобилската индустрија запаѓа во сериозна криза, а голем број компании во земјава произведуваат за автомобилската индустрија.

– За волја на вистината лично разговарам со некои од нив, велат дека немаат намалување на нарачките, досега нема таква најава дека ќе има намалување на нарачките, што значи дека останува истиот волумен, истите парчиња кои што од претходно се нарачани. Но ако има намалување на побарувачката единствен начин да се борите, а да ја одржите економијата е со инвестиции. Ние преку овој кредит со минимум 20 проценти сопствено учество ќе обезбедиме бран од 300 милиони инвестиции. Кога на тоа ќе се додадат капиталните инвестиции што ги прави Владата во вредност од околу половина милијарда евра доаѓаме до отприлика 800 милиони евра инвестиоциски бран кој што треба да резултира со околу 4-5 проценти од нашиот БДП. Само така можеме да се одбраниме од овој предизвик, изјави Мицкоски во саботата.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески очекува дека ќе се најде решение во интерес на бизнисот. Aпелира тоа да оди во пакет со прашањето за капитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот затоа што таква институција е потребна за бизнисот. Во неговата најнова колумна, Азески, побара парите веднаш да бидат ставени во функција со што, според него, власта ќе и покаже на јавноста и на меѓународната заедница дека покрај способноста за договор, има и способност за поддршка на бизнисот.

-Намерата на премиерот да помогне на бизнисот е чесна како и настојувањата на банкарите да го одбранат своето. Но, чесно е барањето на бизнисот, имплементација одма. Тоа ќе овозможи заедно со другите инвестициони активности што ги најавува Владата на РСМ и оние што ги планираат компаниите ,да внесеме доза на оптимизам дека работите одат кон посакуваната цел, а тоа подразбира раст на економијата поголем од 1.8% што беше просек во изминатиот период, пишува Азески во својата колумна.

Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.

Сподели ја оваа статија