Германската опозиција го обвини Шолц дека ја поттикнува руската пропаганда

Германскиот канцелар Олаф Шолц е мета на критики од германската конзервативна опозиција, која денеска го обвини дека придонел за „пропагандата“ на Москва поради неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.

Путин „ќе разбере дека Шолц го побара повеќе како знак на слабост отколку сила, изјави портпаролот на конзервативната партија ЦДУ, Јирген Харт.

Тој го критикуваше канцеларот дека придонел за „пропагандниот успех“ на Кремљ.

Во петокот Шолц разговараше со Путин по телефон еден час и тоа беше нивен прв разговор по речиси две години.

„Пред се, Шолц сакаше во Германија да се разбере дека тој е тој што се потпира на преговори и дијалог“, рече портпаролот на ЦДУ.

По распадот на германската владина коалиција минатата недела, за февруари беа распишани предвремени парламентарни избори.

Според последните анкети, Социјалдемократската партија на Шолц би освоила 15 отсто, далеку зад конзервативната ЦДУ/ЦСУ, која би освоила 32 отсто.

-Германскиот канцелар побара од Путин Русија да покаже подготвеност да започне преговори со Украина со цел праведен и траен мир, се вели во соопштението на германската влада.

Како што пренесуваат германските медиуми, повикувајќи се на извори блиски до властите, канцеларот сакал да го соочи Путин со реалноста на војната и со критичкиот однос што одредени земји го имаат кон Русија.

Телефонскиот разговор Шолц-Путин предизвика незадоволство во Украина, чии власти го протолкуваа како „обид да се смири“ Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Шолц „ја отворил Пандорината кутија“.

Германија е вториот најголем снабдувач на оружје на Украина по САД, но се воздржува од испраќање оружје со долг дострел во Украина за да избегне ескалација на конфликтот.

Сподели ја оваа статија