Во чест на 80-годишнината од ослободувањето на Скопје, градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, денеска го посети 103-годишниот Наце Петрушевски од Бучинци, кој е единствениот жив борец од оваа општина што учествувал во Народноослободителната борба (НОБ).
Во знак на почит кон неговата храброст и придонес за слободата на Македонија, Георгиевски му врачи плакета на дедо Наце. На средбата присуствуваше и Никола Ангеловски – Коле, најмладиот курир учесник во НОБ, кој заедно со Петрушевски ги споделија своите спомени за борбата и животот во периодот на ослободувањето.
Како дел од оваа посета, дедо Наце ја обележа атмосферата со изведба на македонска патриотска песна, почестувајќи ги присутните со уште еден дел од својот животен пат и љубовта кон татковината.