До крајот на годината ќе се знае дали студентскиот оброк ќе биде 160 денари

До крајот на годината ќе се знае дали студентскиот оброк ќе биде 160 денари или ќе биде проширен опсегот, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска која беше во посета на штипската гимназија „Славчо Стојменски“ каде што меѓудругото говореше за зголемувањето на буџетото за 2025 година во кој се планира да има околу 30 милиони евра или 18 отсто повеќе средства за студентскиот стандард во споредба со оваа година.

Но, се уште разговараме со студентите, затоа што тие имаат некоја поинаква идеја. Сметаат дека за 140 денари можат да добијат во одредени маркети, одредени ресторани комплетен оброк, а дека би можело да се прошири опсегот, на пример и студенти кои работат „парт тајм“, а се уште непостигнале одредена сума на средства би можеле и тие. Значи до крајот на годината, тоа ние ќе го дефинираме и веднаш ќе се знае во јануари, дали ќе добијат 160 денари студентски оброк или ќе биде проширен опсегот, изјави Јаневска.

Прашана за лошата состојба во Студентскиот дом „Пелагонија“, на која се жалат студентите и дали ќе има интервенции во него, министерката за образование и наука Јаневска изјави дека ќе има интервенции.

Мора да има. Значи слушам различни шпекулации. Директорот на Студентскиот дом не си ја извршува својата функција и затоа ќе мора да преземеме чекори, во најблиска иднина побараме и поставиме нов директор. Да, студентите се жалат дека нема топла вода, храната е на навистина ниско ниво и не можеме да дозволиме неодговорни луѓе и понатаму да си играат со судбината на студентите. Младите се исклучително важни за оваа држава. Ние обезбедуваме средства од буџетот, од граѓаните и секој раководител мора сериозно да си ја сфати работат, вели Јаневска.

Министерката за образование и наука Јаневска смета дека овој проблем со Студентскиот дом „Пелагонија“ ќе се реши најдоцна за два до три дена.

Сподели ја оваа статија