Издрогиран скопјанец со голема брзина прегазил жена и избегал

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно член 300 став 2, а во врска со член 297 став 1, но и кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода според член 301 став 2 од Кривичниот законик.

Осомничениот 46-годишен скопјанец, на 2 ноември, управувал автомобил „хонда“ под дејство на опојна дрога. Во селото Марино возел со брзина поголема од дозволената и неоприспособена спрема условите на патот, така што кога се доближил до раскрсница меѓу две улички не забележал дека на коловозот има жена-пешак. Неможејќи навреме да запре, со автомобилот удрил во телото на жената, која се здобила со тешки телесни повреди и починала. Осомничениот, по несреќата, веднаш го напуштил местото на настанот и се обидел да го прикрие стореното кривично дело, се вели во обвинението.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.

Како што соопшти МВР претходно, на 02.11.2024 година во 17.25 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од ул.„500“ и ул.„401“ во село Марино, скопско, патничко возило „Хонда цивик“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.С. (46) од населба Илинден, скопско, удрило во пешакот В.Н.(78) од село Марино, а потоа возилото го напуштил местото на настанот.

Полициски службеници од Полициското одделение Петровец по преземени мерки го пронашле возачот и сопственикот на патничкото возило.

Сподели ја оваа статија