Имале пари за поправка на МНТ, ама седум години ништо не се направило кажа Љутков по посетата на театарот

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска го посети МНТ и рече дека затекнал две состојби, од едната е пресреќен, откако ги видел пробите за неколку претстави во тек, а од другата е ужаснат и шокиран.

Оваа ситуација, со овој распаднат театар трае веќе 7, 8 години. Иако се знаеле позициите дека некаде капе, дека има проблем, иако имало обезбедувано средства за поправки, тоа не се случило во овие седум години. И можам да заклучам дека со тенденција се држел Македонскиот народен театар да биде во ваква очајна состојба. Тој е изграден со многу љубов, не велам дека немало пропусти при изградбата, можеби имало. Во однос на буџетот, имало години кога имале по 20 милиони денари за продукција. Во 2017 имало 14 милиони денари, а денес имаме 4 милиони денари, рече Љутков.

На новинарско прашање дали ќе побара одговорност за ваквата состојба, министерот рече дека состојбите за театарот најдобро ги знае директорот, како се правени постапките и зошто е правено и оти се надева оти ќе се најде кривецот.

Не може сега да се очекува од нас, дека во рок од шест месеци ќе можеме да направиме чудо. Но, јас ветувам дека од година во година и во делот на инвестициите, но и во делот на програмите, со менаџери какви што ги имаме денес, ќе го разбудиме „заспаниот џин легнат покрај реката Вардар“. Ќе им го вратиме сјајот на институциите. Можеби ќе оди побавно, но ќе биде квалитетно, додаде Љутков.

Тој потенцираше дека се детектирани неколку точки коишто се најпроблематични, тоа се балконите од левата и десна страна. Додаде дека со еден проект може да се средат клучните точки, и за ова не е потребно некоја претерано голема сума за инвестирање.

Вие можете да ги затворите тие балкони, да ги застаклите и да го забраните дотокот на вода, таа е помала инвестиција. Поголемата инвестиција е во однос на штетата што е предизвикана од тоа што не било интервенирало на време. Затоа ќе одиме фаза по фаза, рече Љутков.

Сподели ја оваа статија