Како победата на Трамп влијае на берзите: На европскиот континент „слават“ додека Азија е во неволја

Европските акции пораснаа во средата откако Доналд Трамп прогласи победа на претседателските избори и републиканците презедоа контрола над најмалку еден дом на Конгресот.

Паневропскиот индекс STOXX 600 на водечките европски акции во 9:30 часот порасна за 1,1 отсто. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 1,03 отсто, на 8.257 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,13 отсто, на 19.475 поени, а париски CAC за 1,50 отсто, на 7.518 поени. Акциите на европските компании кои се занимаваат со обновлива енергија беа под притисок за разлика од оние споменати погоре. Претходно оваа година, Трамп рече дека ќе го запре развојот на морските фарми со ветерници.

Политиките на Трамп за имиграцијата, даноците и тарифите генерално се сметаат за инфлаторни, што може да доведе до повисоки каматни стапки во САД. И Волстрит е задоволен од победата на Трамп, па вчера по првите посигурни предвидувања за неговите добри резултати, Dow Jones, S&P 500 и Nasdaq пораснаа за повеќе од еден процент. Утрово фјучерсите индекси се во пораст за повеќе од еден процент, па денеска се очекува натамошен силен раст на цените на акциите на најголемата светска берза. Цените на акциите паднаа на повеќето азиски берзи. Азискиот индекс MSCI беше во минус од 0,3 отсто во 9:30 часот.

Во исто време, индексот Никеи скокна за повеќе од 2,5 отсто на токиската берза, додека цените на акциите во Австралија пораснаа за 0,8 отсто. Во Шангај, Јужна Кореја и Хонг Конг тие паднаа меѓу 0,1 и 2,3 отсто. Цените на акциите паднаа на кинеските берзи бидејќи победата на Трамп предизвика загриженост, со оглед на тоа што Трамп воведе царини за увоз на кинески производи за време на неговиот последен претседателски мандат, а во актуелната кампања најави воведување царини од 60 или повеќе проценти за кинеските производи.

Сподели ја оваа статија