Кинески хакери пристапиле до мрежите на американските провајдери и добиле информации преку системите што ги користи американската влада за овластено прислушување од судот, објави Wall Street Journal (WSJ), повикувајќи се на добро информирани извори.
Весникот наведува дека неодамна било откриено дека кинески хакери упаднале во мрежите на телекомуникациските компании како „Verizon Communications“, „AT&T“ и „Lumen Technologies“.
Кинеските хакери можеби имале пристап до мрежите на телекомуникациските компании и нивните системи за судско овластено прислушување и други податоци со месеци, објави весникот во саботата, а пренесе Ројтерс.
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска одговори дека САД „измислиле лажна приказна“ и дека Пекинг не знае ништо за наводниот хакерски напад споменат од WSJ.
„Во време кога сајбер безбедноста стана заеднички предизвик за сите земји ширум светот, овој погрешен пристап само ќе ги попречи напорите на меѓународната заедница заеднички да одговори на предизвиците преку дијалог и соработка“, се вели во соопштението на Министерството.