Либанското шиитско движење Хезболах го именуваше својот заменик-лидер Шеик Наим Касем за нов генерален секретар, наследувајќи го долгогодишниот лидер Сајед Хасан Насрала, кој беше убиен во израелски напад врз Бејрут минатиот месец.
Заменик-генералниот секретар на Хезболах, Шеик Наим Касем е висока личност во движењето, кое го поддржува Иран повеќе од 30 години.
Говорејќи од непозната локација на 8 октомври, Касем рече дека конфликтот меѓу Хезболах и Израел е војна за „кој прв плаче“ и како што рече тогаш „Хезболах нема да плаче прв“. Тој рече дека способностите на групата остануваат недопрени и покрај „болните удари“ на Израел.
Во 1991 година, Касем беше назначен за заменик-шеф на Хезболах од тогашниот генерален секретар на вооружената група Абас ал-Мусави, кој беше убиен во напад на израелски хеликоптер во 1992 година.
Тој беше првиот член на највисокото раководство на Хезболах кој даде телевизиски изјави по убиството на Насрала во израелскиот воздушен напад врз јужните предградија на Бејрут на 27 септември, особено областа Дахија.
Наим Касем е роден во 1953 година во Бејрут во семејство од југот на Либан и неговиот политички активизам започна со либанското шиитско движење Амал.
Тој ја напушти групата во 1979 година по Иранската исламска револуција, која го обликуваше политичкото размислување на многу млади либански шиитски активисти
Касем учествуваше на состаноците што доведоа до формирање на Хезболах, основан со поддршка на Иранската револуционерна гарда како одговор на израелската инвазија на Либан во 1982 година.
Интересно е тоа што Касем носи бел турбан за разлика од Насрала и Сафиедин, чии црни турбани го означуваат нивниот статус на потомци на пророкот Мухамед.