Мајката на Вања не ги познава убијците, сопругот и барал да му препише еден стан

Со сведочење на мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Зорица Ѓорчевска денеска пред судот рече дека не ги познава обвинетите за свирепото убиство на нејзината 14-годишна ќерка Вања што се случи лани во ноември.

Таа објасни како го поделиле имотот со поранешниот сопруг Александар.

– Настанот се случи на улица Наум Наумовски Борче бр. 87, два месеци живеевме во тој стан, од 10 септември. Претходно живеев во стан на улица Славе Деловски, кој беше моја сопственост. Станот на Наумовски Борче во моментот беше на Александар, претходно беше мој, татко ми ми го препиша – рече Зорица Ѓорчевска.

На прашањето зошто му го дала станот на Александар, Зорица рече дека не може да каже конкретно.

– Јас имав два стана, тој бараше еден да биде на негово име, за ако некому од нас нешто му се случи, да останат за децата. Во 2018 година станот му го префрлив на Александар. Потоа децата сакаа да живеат во тој стан и јас како старател побарав станот да се префрли на име на децата. Постапката почна, едниот стан на едното дете, другиот на другото дете. Нотарската заверка никогаш не беше завршена, тој се повлекуваше, ретерираше. Кога се преселивме, јас инсистирав да се доврши постапката. Јас го користев станот, почнав да го уредувам, да го преградувам, нарачавме мебел и се преселивме на 10 септември. Претходно беше даден под кирија, а киријата ја земаше Александар – рече Ѓорчевска.

Таа додаде дека во нејзина сопственост има станови во Капиштец и во Аеродром, како и мал стан во Охрид, кои ги наследила од нејзините родители.

Сподели ја оваа статија