Месец на машко здравје – карциномот на простата втора причина за смртност кај мажите

Карциномот на простата е втора причина за смртност кај мажите…Скрининг, навремена посета на уролог и да не се молчи за проблемите – ова се препораките што лекарите и психолозите ги упатуваат по повод месецот на машкото здравје. Претседателот на македонското здружение по урологија Скендер Саиди вели дека свеста на граѓаните за редовни прегледи и превенција е зголемена, а во Македонија нивото на дијагностицирање е на задоволително ниво. Според него, најчестите уролошки проблеми на мажите покрај карцином на простатата, се и бубрежните камења.

„ Свеста е да ви кажам во последните 10 години е задоволителна, пред 25,30 години на пример пациентите одбиваа и дигиторектален прелед, што е едноставен преглед, но сега во амбуланта има многу ретко пациент што нема да прифати ваков преглед И дијагностиката и третманот на овие карциноми е задоволителен земено на светско ниво, само што последните 30-40 години светската урологија има еден тренд на забрзан раст, што ќе треба и ние да ги следиме е сега тоа не зависи само од нас зависи и од системот. “

Инаку, ноември традиционално е месец посветен на машкото здравје, кога глобално се спроведува и кампањата наречена Мовембер. Иницијативата започна пред 20тина години, а нејзина цел е да се привлече вниманието на пошироката јавност со порака мажите да се грижат за своето ментално здравје и редовно да одат на прегледи.

„ Симболиката на Мовембер се мустаките и сите оние кои сакаат да ја поддржат оваа кампања, односно сите мажи кои што сакаат да ја поддржат оваа кампања треба да ги остават мустаќите да им пораснат овој месец односно да не ги бричат и со тоа што ќе направат таква промена на својот изглед ќе поттикнат поставување на повеќе прашања, а со тоа ќе се поттикне и разговорот за сите овие теми односно крајната цел е да се подигне свеста на мажите за нивното здравје ментално и физичко.“

Македонското здружение по урологија во чест на месецот на машкото здравје и со цел промоција на здрав живот и навики организираше планинарски марш каде повеќе граѓани, активисти, лекари, специјализанти пешачеа до средно Водно. Во текот на овој месец тие најавија и други активности како спортски турнири и подготовка на промотивни материјали за заштита на машкото физичко и ментално здравје кои ќе се делат низ болниците во државата.

Сподели ја оваа статија