Митева: Значителен напредок во Царинската управа, за само 3 месеци пораст на наплатата на приходите за 3 милијарди денари, или 9,2 % повеќе од истиот период лани

Со огромно задоволство како Влада сакаме да споделиме значајни достигнувања во Царинската управа. Во текот на изминативе три месеци, видовме значителен напредок во нашите операции кои се клучни за економската стабилност и интегритет на нашата држава, рече Митева на денешната прес конференција.

Најпрво, сакам да потенцирам дека Царинската управа успеа да собере над 24 отсто повеќе приходи од увозни давачки и акцизи во однос на претходниот квартал. Ова зголемување е јасен показател за нашата посветеност да го подобриме создавањето приходи и да обезбедиме ефикасно спроведување на нашите економски политики.

Второ и исто така многу важен податок е состојбата со наплатата која бележи раст. Имено, од 1 јули до 8 октомври има забележителен пораст на наплатата на приходите кои изнесуваат над 35 милијарди денари. Оваа бројка претставува зголемување од 3 милијарди денари, што бележи пораст од 9,2 отсто во однос на истиот период минатата година.

Овој раст ги нагласува нашите ефективни стратегии за начинот на работата и создавањето приходи. Подобрувањата направени во оперативните процеси, не само што ја подобруваат усогласеноста, туку и ја зајакнуваат нашата фискална позиција.

Дополнително, направени се значителни подобрувања во мерките за спроведување и регулатива. Заострените контроли доведоа до импресивно зголемување на изречените казни за 186 отсто. Ова пак, го покажува нашиот пристап на нулта толеранција кон прекршувањата и нашата посветеност на одржување на фер трговско опкружување.

Почитувани, овие достигнувања не се само бројки, тие ја претставуваат нашата посветеност на транспарентноста, отчетноста и заштитата на нашата економија.

Владата продолжува неуморно да работи за поттикнување на фер пазар и спречување недозволени активности.

Продолжиме да инвестираме во нашите системи кои ќе се прошират и во иднина.

Сподели ја оваа статија