Мицкоски за номинацијата на Лутник: Како Влада имаме пријатели во најмоќната економија во светот, тоа ќе значи позитива и за македонската економија

Господинот Хауард Лутник беше овде во Скопје во Владата каде разговаравме за многу теми. Имаме лично пријателство и очекувам само позитивни моменти од нашата идна меѓудржавна соработка како стратешки партнери. Убеден сум дека тој ќе донесе додадена вредност и во светската економија, а тоа ќе значи позитива и за македонската економија.

Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, како одговор на прашањето- како ова ќе се одрази на нашите односи со САД.

-Кога беа гости тука во Владата, имаше и такви кои тоа не баш позитивно го коментираа. Добро е што како Влада имаме пријатели во најмоќната економија во светот, тоа е американската, го имаме првиот човек кој ја води најмоќната економија во светот. Убеден сум дека тоа може да донесе само позитивни вести за македонските претприемачи и за македонските граѓани.

Инаку, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп денес го номинираше финансиерот од Вол Стрит Хауард Лутник за свој иден Секретар за економија.

Лутник беше дел од делегацијата која ја посети Македонија во јули годинава, заедно со сопственикот на Рамбл и негов бизнис партнер Крис Павловски и поранешниот конгресмен Девин Нунес.

При посетата, делегацијата имаше интензивни разговори со премиерот Христијан Мицкоски и македонската влада, за повеќе инвестициски проекти.

Сподели ја оваа статија