Мицкоски им порача на ДУИ да се подготват за одговорност

Премиерот Христијан Мицкоски денеска им порача на ДУИ да се подготват за одговорност, а за избори кога ќе дојде време ќе се подготвуваме. Пораката од премиерот Мицкоски беше по барање од новинарите за коментар на изјавите на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, дека е подготвен за предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомвгри идната година.

– Јас разбирам дека раководството на ДУИ не сака да биде во опозиција, исплашени дека конечно ја чувствуваат и тие одлучноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата. Знаат се што имаат правено во изминатите 20 години, свесни се и знаат дека полека но сигурно доаѓа денот кога ќе треба да  бидат одговорни.  Затоа, како резултат на тој страв, тие би рекол непринципиелно се храбрат и мислат дека на тој начин ќе магнетизираат повеќе гласачи, изјави премиерот Мицкоски по извршениот надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д.

Оваа Влада, нагласи тој, има четиригодишен мандат, а повеќе од 600 илјади граѓани пред речиси шест месеци застана позади оваа Влада и коалиција. Наш приоритет, истакна Мицкоски, е да го испорачаме тоа што граѓаните го очекуваат од нас.

– Тоа е борбата против криминалот и корупцијата, реформите, напорна работа, проекти… Тоа е она кое ние го ветивме и тоа е она што во овие четири години планираме да го испорачаме, рече премиерот Мицкоски, кој заедно со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски извршија надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д..

Додаде дека она што го кажал за време на пратничките прашања во Парламентот, било со цел да излезат на површина, како што рече, сите лажни лица што ги има во опозицијата.

– Меѓусебе се храбрат, а кога ќе дојде работата да се испорача таа храброст, некако кукавички се затскриваат и јавноста беше свесна за одговорот што дојде од СДСМ дека тие практично како политичка партија се научени само да импровизираат, а не да испорачаат нешто што е важно за граѓаните.

Сподели ја оваа статија