Мицкоски најави две нови инвестиции до крајот на месецот и 500 нови работни места

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека очекува до крајот на месецот да има две нови инвестиции.

Едната, како што појасни, ќе биде проширување на веќе постоен погон, а другата ќе биде сосема нова инвестиција. Двете инвестициите ќе бидат во вредност до 50 милиони евра и ќе обезбедат до 500 нови работни места.

Преговараме и очекувам до крајот на овој месец да имаме две инвестиции. Едната ќе биде проширување на веќе постојан погон, а другата ќе биде сосема нова инвестиција, кои ќе обезбедат до 500 нови работни места. Очекувам овој месец тие две да ги завршиме, а веќе во декември ќе имаме најмалку уште две, но и почеток на една нова инвестиција, поточно ставање на камен темелник, изјави денеска Мицкоски во одговор на новинарско прашање, за време на поставувањето на камен темелник за надградба на ООУ „Ацо Шопов“ во Бутел.

Тој рече дека инвестициите ќе бидат во секторот градежништво и автомобилската индустрија.

На новинарско прашање во врска со средбата што се одржала оваа недела со потенцијален партнер за инвестиција во когенеративна гасна постројка, и дали станува збор за грчката компанија „Митилинеос“, Мицкоски одговори дека не е вклучена оваа грчка компанија, туку станува збор за сосема нов концепт и посочи дека има три компании кои се сериозно заинтересирани за вложување во ваков тип на енергетска инфраструктура на когенеративни производни капацитети.

-Ние жестоко ја критикувавме грчката „Митилинеос“, затоа што ценевме дека е штетна таа инвестиција и дека нема да донесе добро за македонските граѓани. Сега би било непристојно шест месеци потоа, само затоа што сега сме Влада да го смениме мислењето. Јас така не функционирам. Може да се случи да се поместиме доколку добиеме во меѓувреме аргументи, но не само што не добиваме аргументи, туку убедени сме дека тоа е штетна инвестиција и не е одговор на потребата на скопјани, но и генерално на државата, рече Мицкоски.

Тој напомена дека имаме три компании кои се сериозно заинтересирани за вложување во ваков тип на енергетска инфраструктура когенеративни производни капацитети и нормално, и со сите се преговара, за да се види кои се најдобрите услови. Но, нагласи, тоа нема да биде ништо надвор од актуелните програми за поддршка на инвестициите, нема да биде инвестиција со која ќе биде загарантиран откупот или по принцип, туку ќе биде на основа на правилата на пазарот. Мицкоски додаде дека ќе биде инвестиција која ќе користи зелена енергија.

-Секако, ќе биде инвестиција која што ќе користи зелена енергија, бидејќи се обврзавме со планот за раст дека ќе овозможиме производите што ќе се извезуваат во Европската Унија, да имаат зелено брендирање дека се произведени од зелена енергија. Ние последни почнавме како Влада, споредено со другите пет земји од Западен Балкан, први ќе ја добиеме првата транша, бидејќи најквалитетно и први си ја завршивме домашната задача во овие четири месеци. Последни почнавме, први ја добиваме и сме многу понапред во сите други процеси од другите пет земји. Имаме амбициозен план и сакаме да го реализираме, додаде Мицкоски.

Сподели ја оваа статија