Премиерот Христијан Мицкоски денеска беше во посета на МАСИТ Комората и изрази благодарност до претседателката на МАСИТ Комората, бидејќи, како што нагласи, соработката и комуникација трае од пред неколку години уште кога како политичка партија ВМРО ДПМНЕ била во опозиција.
Секогаш сме имале конструктивни средби коишто произлегле многу идеи, предлози и средби коишто резултираат и со политики, понатаму коишто ние како Влада почнуваме или во периодот којшто следи ќе почнеме и ќе ги водиме.
Навистина е импресивен фактот дека како ИКТ индустрија имаме повеќе од половина милијарда евра извоз во 2023 година и тој претпоставувам продолжува да расте, тоа е нешто коешто додава вредност во нашата домашна економија, изјави Мицкоски.
Мицкоски кажа дека голем дел од оние коишто работат во ИКТ индустријата, тоа се повеќе од 20.000, а во 2023 година повеќе од 21.000 се вработените во ИКТ индустријата, се луѓе коишто останеле тука, дома, во Македонија и од тука се борат не само за своето семејство и својата егзистенција туку и за својата татковина.
Тие луѓе лично од мене имаат огромна почит нормално имајќи превид дека се дефицитарни и дека имаат поголема понуда и секогаш луѓето коишто останаа тука и коишто се борат за својата татковина од мене ќе ја имаат почитта и секогаш ќе имаат приоритет во политиките коишто ги води оваа Влада, а политиките на оваа Влада се да ги привлечеме младите коишто за жал ја напуштија да си се вратат дома и од тука заедно да се бориме да направиме нешто за татковината и мислам дека тоа Македонија го заслужува.
Денеска направивме еден рекапитулар на сето она коишто во минатото го говоревме, нормално добивме идеи, предлози коишто до сега биле дисфункционални, дел од тие и веќе ги имплементираме ќе ве потсетам пред нешто повеќе од една недела започнавме со оној проект на нудење услуги на граѓаните со коишто нема да има понижувања, шалтерски чекања итн. се сеќавате како беше кога се вадеа пасоши, лични карти, возачки дозволи. Ќе ве потсетам дека пред повеќе од една недела во Аеродром отворивме таква канцеларија која што нуди повеќе од 120 услуги, меѓу кои се и изводи од матичната книга на родените, стаж, катастарски услуги итн. и тоа продолжуваме да го правиме во други општини во државата, изјави Мицкоски по состанокот.
Дигитализацијата на општеството ја покажавме како наша амбиција со тоа што имаме посебно министерство за дигитална трансформација и навистина министерството работи посветено, за овие неколку месеци се направија навистина големи чекори напред. Очекувам така да се продолжи и во иднина. Не е доволно, денеска разгледавме неколку параметри, очекувам информатичката култура во државата да се зголемува да биде што повеќе достапна и што повеќе корисници да има, барем да го стигнеме европскиот просек, сега сме под тој европски просек. Јас како инженер лично го стимулирам тоа и ќе го поддржувам, тука не треба да имаме никаква дилема.
Овие средби се за нас од исклучително големо значење. Во периодот кој што следи ќе продолжат. Уште еднаш да искажам моја голема благодарност и до претседателката на МАСИТ Комората и на членките и на луѓето кои се дел од МАСИТ Комората и продолжуваме понатаму заедно да се движиме напред и да ја развиваме татковината, изјави Мицкоски.