Над 14 000 граѓани за три дена се пријавиле за вакцинација против сезонскиот грип. Имунизацијата според најавите на здравствените власти треба да почне наредната недела а сите пријавени ќе добиваат смс порака кога и каде треба да се јават за вакцинирање. Според бројките интересот е голем а на располагање има 70 000 вакцини кои се бесплатни за ризичните групи во кои влегуваат постари од 65 години, лица со хронични заболувања, трудници, здравствени работници. Оваа сезона вакцината е четиритипна и како што велат лекарите е најефикасно средство за превенција.
-Знаеме дека може да имаме сезони на грип кои можат да бидат прилично тешки за пребродување и може да имаме голем број на пациенти. Затоа вакцинацијата ќе даде солидна заштита од тешка форма на болеста, хоспитализации и смртни случаи кои знаеме дека секоја година ги бележиме како резултат на заболување со грип и болести кои наликуваат на грип, вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести.
Според извештајот на Институтот за јавно здравје, сезона на грип почна. Од 30 септември до 6 октомври регистрирале 25 пријави на заболени од грип или болести слични на вирусот. 8 од нив биле постари лица над 65 години а 3 се деца. Најмногу пријавени има во Гостивар, тетово, Кавадарци и еден случај во Струмица.