На Зајкова и спремаат „пуч“, иницијативен одбор за промени во ЛДП на состанок ќе бара вонредно собрание

Денес во 12 часот, во големата сала на Општина Кисела вода ќе се состанат 2/3 од општинските организации на ЛДП и ќе формираат иницијативен одбор за свикување вонредно собрание на ЛДП за промена на раководството поради нивната непринципиелна пазарџиска политика и недемократско водење на партијата, пишува во дописот до медиумите испратен од иницијативниот одбор за промени во ЛДП.

– Тие ги повредија основните демократски постулати на работа. Во недела ќе ги претставиме нашите позиции и ставови. Неодамнешните случувања јасно укажаа на тешката криза и поделбата во партијата која неминовно може да се разреши само со свикување вонреден конгрес и смена на актуелното раководство во ЛДП. Од името на општинските организации на прес конференција ќе се обрати Бобан Бојковски од општинската организација Куманово, се вели во соопштението.

Претходно, исто така во соопштение до медиумите, иницијативниот одбор информираше дека општинскиот одбор на партијата во Куманово се приклучува кон иницијативата за промена.

– Општинската организација на ЛДП Куманово на седницата одржана на 8 ноември со огромно мнозинство одлучи да се приклучи на Иницијативата за одржување на вонреден Конгрес на партијата.

Општинскиот одбор со 19 гласови ЗА, 2 против и 1 воздржан одлучи да се обедини околу иницијативата за реформи во партијата и задржување на либералните вредности и принципи, а против пазарџиската политика на актуелното раководство.

Сметаме дека Конгресот на партијата е единствено надлежен орган кој има право да ги трасира правците на идно делување на партијата, а не поединци од раководството и од нив заробени органи кои поради лични интереси и нереализирани цели прават обид на сила да ја втурнува партијата во непринципиелни коалиции, спротивно на последните конгресни одлуки на партијата, стои во известувањето.

Сподели ја оваа статија