Објавени се нови слики од водачот на кавачкиот клан, еден од најбараните криминалци во Европа

Црногорецот Радоје Звицер, водачот на озлогласениот кавачки клан, вчера се појави на листата на најбарани бегалци во Европа, откако Австрија распиша потерница по него.

На страницата eumostwanted.eu беше објавено дека Звицер се бара за шверц на дрога и психоактивни супстанци. Има и предупредување дека се работи за многу опасно лице кое најверојатно е вооружено.

„Радоје Звицер е осомничен дека како водечки член на криминална организација увезол 83 килограми кокаин (чистота 60,9%) од други земји во Австрија. Се сомнева дека заедно со соработниците учествувал во организирањето на шверцерскиот синџир. Ова лице ја организирал доставата на наркотици кои се продавале во Виена на негово име“, се вели во потерницата.

Заедно со неколку различни фотографии, наведен е описот на Звицер, кој наведува дека е мускулест белец со атлетска градба, сини очи и кафена коса. Исто така, беше прецизирано дека на горниот дел од телото има неколку хируршки лузни, од рани предизвикани од огнено оружје.

Објавени се и познатите лажни идентитети на Звицер кои ги користел. Тоа се Јосип Бабиќ роден на 06.02.1979 година во Германија, Драган Гојковиќ роден на 08.09.1977 година во Беране, Црна Гора, Давид Грепо, роден на 02.03.1983 година и Ференц Кароли, роден на 31 март 1975 година.

Звицер е водач на кавачката криминална организирана група, која од 2014 година војува со шкаљарскиот. Конфликтот и поделбата настанала поради пратка кокаин која исчезнала од стан во Валенсија, а од тогаш во војната меѓу овие два клана загинале повеќе од 60 луѓе, пишува Блиц.

Звицер беше застрелан пред четири години сред бел ден додека џогирал во близина на неговиот стан во Киев. Двајцата вооружени напаѓачи испукале десетина истрели, од кои пет го погодиле. Напаѓачите во нивниот план ги спречила сопругата на Звицер, Тамара, која истрчала од станот и пукала во нив.

Сподели ја оваа статија