Поминал 1,6 милиони километри со старо Волво, доби подарок од шведската компанија

Џим О’Ши од Мисури стана тема на многу разговори откако со својот стар Volvo 740 извозел неверојатни 1,6 милиони километри.

Овој подвиг не само што зборува за издржливоста на возилото, туку и за истрајноста на неговиот сопственик, кој три децении бил посветен на својата цел, објави Ауто Клуб.

Пред повеќе од 30 години, Џим одлучил да купи Volvo, на големо разочарување на неговиот татко, кој тогаш бил шеф на локалниот застапник на Ford. За да ја поправи нивната врска, тој му ветил на својот татко дека со овој автомобил ќе вози милион милји (1,6 милиони километри).

Она што тогаш не го знаел е дека ќе бидат потребни три децении возење за да се реализира тоа ветување.

Во текот на годините на интензивна употреба, Volvo 740 се покажало како неверојатно сигурен. Иако никогаш не учествувал во сериозни судири, Џим признава дека неговата сопруга три пати „малку удрила“ со возилото. Оригиналниот мотор издржал дури 941.466 километри, додека менувачот бил менуван неколку пати.

Овој извонреден напор не останал незабележан. Компанијата Volvo во Америка одлучила да му врачи награда на Џим – новиот модел S60. Клучевите од возилото му ги предаде Стивен Линч, истиот човек кој му го продал неговото прво Volvo пред повеќе од три децении.

Сепак, она што многумина не го очекувале бил детал кој остана неискажан за време на церемонијата. Новиот автомобил не е целосно во сопственост на Џим О’Ши – возилото му е дадено на употреба две години, по што мора да го врати во застапништвото.

Интересно е и тоа што, иако неговиот Volvo 740 поминал 1,6 милиони километри, ова возило не е рекордер кога е во прашање најголемата километража. Рекордот моментално го држи црвениот Volvo P1800 од 1966 година, кој поминал неверојатни 5,23 милиони километри.

Сподели ја оваа статија