Почина музичката икона Квинси Џонс

Американскиот продуцент, композитор и текстописец Квинси Џонс почина на 91-годишна возраст.

„Вечерва, со полни, но скршени срца, ја споделуваме веста за смртта на нашиот татко и брат, Квинси Џонс. Иако ова е непоправлива загуба за нашето семејство, го славиме неговиот извонреден живот и знаеме дека никогаш нема да има друг како него“, соопшти неговото семејство, пренесува АП.

Неговиот претставник Арнолд Робинсон изјави дека починал во својот дом во Бел Ер, опкружен со семејството.

Џонс беше еден од најпочитуваните американски продуценти и музичари. Неговото најпознато дело, продуцирање на албумот Thriller на Мајкл Џексон од 1982 година, стана еден од најпродаваните албуми на сите времиња, со рекордна глобална продажба и низа хитови кои ја обликуваа поп културата.

Покрај продукцијата на албуми, Џонс соработувал со голем број музички легенди како Френк Синатра, Реј Чарлс, Ела Фицџералд и многу други, што го прави незаменлива фигура во различни жанрови, од џез и R&B до поп. Исто така, Квинси освои вкупно 28 Греми награди.

Неговиот придонес не беше ограничен само на музичката индустрија. Работел на музика за познати проекти како што се сериите Roots и филмот In the Heat of the Night. Неговата работа во филмската индустрија му донесе седум номинации за Оскар.

Сподели ја оваа статија