Почина најстариот народен херој на поранешна Југославија

На 104-годишна возраст почина последниот народен херој на поранешна Југославија, командантот на Сремскиот партизански одред, а потоа и на Шестата војводинска бригада, генерал-потполковник Петар Матиќ Дуле од поранешната ЈНА, соопштено е во петокот вечерта во Белград.

Матиќ е роден на 6 јули 1920 година во Ириг во богато земјоделско семејство, основно училиште завршил во родниот град и се занимавал со земјоделство до почетокот на Втората светска војна.

Изданието Antifašistički vjesnik наведува дека како дваесетгодишен Петар Матиќ Дуле активно работел на кревање востание против окупаторите – по Априлската војна и окупацијата на Југославија во 1941 година како секретар на Месниот комитет, а потоа и секретар на Обласниот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Ириг и член на Штабот за подготовка на востанието.

Во август 1941 година тој бил задолжен за прифаќање на комунистите кои избегалњ од затворот во Сремска Митровица. Кога бил формирана Иришката партизанска чета, тој станал нејзин прв политички комесар.

Во биографијата на Матиќ еистакнато дека за време на војната двапати бил ранет во борбите со германските окупатори.

Во мај 1943 година, тој бил назначен за командант на Војводинската ударна бригада, која префрлила 1.100 доброволци од Срем и 110 запрежни коли со храна, облека и медицински материјали во источна Босна, а режисерот Вељко Булајиќ го сними филмот Велики транспорт врз основа на тој настан.

Втората светска војна ја дочекал со чин потполковник, а во 1953 година на 33-годишна возраст го добива чинот генерал-мајор.

По ослободувањето на Белград дипломирал на Вишата воена академија во Советскиот сојуз, а во повоена Југославија бил член на Собранието и член на Претседателството на ЦК на Сојузот на комунистите на Југославија.

Во 1988 година бил избран за претседател на Здружението на здруженијата за НОБ (СУБНОР), но во октомври истата година бил разрешен поради неговото противење на политиката на Слободан Милошевиќ, подоцнежниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија.

Петар Матиќ имал пет браќа и сестри и сите биле партизани. Анка Матиќ, една од сестрите, загинала како бомбаш на крајот на војната во битките за ослободување на Белград и постхумно е прогласена за народен херој.

Мајката на Петар Матиќ била застрелана во логорот Јасеновац, а неговиот татко бил мачен до смрт во родниот Ириг.

Српскиот претседател Александар Вучиќ испрати телеграма со сочувство, во која посочи дека „Петар Матиќ, како и сите негови соборци, ќе остане симбол на патриотизмот и еден од темелите на современата историја на Србија“.

„Србија ќе продолжи да се сеќава на жртвата на хероите од Втората светска војна, да ги наследува вредностите за кои се бореле и слободарската идеја за која ги дадоа своите животи“, вели Вучиќ во телеграмата со сочувство.

Сподели ја оваа статија