Пресврт во судењето за Вања и Панче: Кешишов тврди дека Палевски не бил со нив на денот на убиството

Пресвртница на денешното рочиште за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. Обвинетиот Влатко Кешишев доставил изјава преку затворот до судот, во која тврди дека првообвинетиот Љупчо Палвески Палчо не бил со другите обвинети кога се случиле киднапирањата и убиствата, туку спиел во штабот на партијата Десна.

Кешишев тврди дека едниот од обвинетите, Велибор Манев, им се заканувал и вршел притисок првично да каже дека Палевски е организатор и дека тој пукал. Според неговата нова изјава, само тој, Боре Видевски и Манев биле заедно на местата на настаните во Велес и Скопје.

На крајот од денешното рочиште на кое сведочеа тројца сведоци, судијата ја подели писмената изјава на Кешишев на адвокатите на сите обвинети. За оваа изјава не беше запознаен ниту адвокатот на Кешишев.

Адвокатите не ја коментираа изјавата, само рекоа дека сите обвинети ќе се соочат еден со друг во текот на судењето и дека тогаш ќе се расчисти работата.

Сподели ја оваа статија