Романтична измама: Пензионерка поради љубов на Фејсбук остана без 28.000 евра

Полицијата извести за неразбирливата лековерност на 74-годишната пензионерка, која една година плаќала пари на маж, кој и рекол дека е вработен во ОН, на повеќе сметки во странство

„Жена (74) од Бјеловар (Хрватска) преку социјална мрежа во септември минатата година стапила во контакт со непознато лице.

Мажот и рекол дека е вработен во Обединетите нации, дека моментално е во мировна мисија во Авганистан и дека останал без пари поради околностите на војната.

За да му помогне уплатила неколку илјади евра на различни банкарски сметки во странство. Потоа пак, по пат на мобилна апликација ја контактирала друга личност која и понудила помош да си ги врати парите, но со дополнителен паричен надоместок, па затоа и на сметката на тоа лице платила значителен износ на пари.

Потоа ја контактирал хирург од Турција, кој и понудил помош за враќање на парите и ја ставил во контакт, наводно со агенцијата ФБИ. Набргу потоа добила порака преку мобилната апликација од корисник наречен „FBI Worldwide“.

Ја известиле дека бидејќи им помогнала да го фатат измамникот, добила награда од 25.000 долари и дека сите пари што ги платила до тој момент ќе и бидат вратени.

Треба само парите да ги земе на аеродромот во Загреб, но парите се под шифра во метална кутија и треба да плати одредена сума пред да ги земе.

Така направила и тоа во неколку наврати. Кога по проверките утврдила дека нема пакет со пари, сфатила дека е измамена за вкупно 28.000 евра кои ги уплатила на сметки на непознати лица во странство.

Како што соопштија од ОЈО Бјеловар, ова е уште еден пример за романтична измама.

„Токму на овие примери предупредуваме, особено постарите лица, кои за жал се најчеста мета на ваквите измами, да не наседнуваат на ваквите измами“, соопштуваат од бјеловарската полиција.

Сподели ја оваа статија