Македонската економија ќе има економски раст од 1,8% годинава, 2,5% догодина и 3% во 2026 година. Ова е проценката на Светска Банка во најновиот полугодишен извештај. Главните ризици се енормното зголемување на цените на храната и енергијата, воените конфликти во Украина и на Блискиот Исток, како и лошите перформанси на германската еконија, земја која е најголем трговски партнер на земјава. Врз македонското стопанство и тоа како има влијание кризата во производство на автомобили, бидејќи во земјава има голем број на добавувачи за странските автомобилски брендови.
Светската Банка го поддржува задолжувањето преку кредит од Унгарија бидејќи бил земен под поволни услови, односно со пониска каматна стапка од опцијата издавање на еврообврзница. Дел од парите ќе се наменат за отплата на еврообврзница која достасува во јануари следната година, дел за стимулирање на потрошувачката, како и за отплата на заостанати обврски. Светска Банка алармира поради зголемувањето на јавниот долг до нивото од 63.5% од БДП годинава, главно поради исполнувањето на предизборните ветувања за поголеми плати и пензии. Сепак, нотира дека ако пред 7 години јавниот долг бил во умерената зона, сега тоа не е случај.
Од земјите од регионот, најголем економски раст годинава, според проекциите на Светска Банка треба да имаат Косово и Србија од 3,8%, по што следат Црна Гора со 3,4%, Албанија со 3,3% и Босна и Херцеговина со раст од 2,8%. Како еден од најголемите удари врз земјите од Западен Балкан се истакнува иселувањето, особено на младите. Светска Банка нотира дека Владите треба повеќе да инвестираат во образование, здравство, подобрување на јавните услуги, како и во борба со корупцијата за да го намалат интересот за заминување во странство.