Советот на јавни обвинители ја потврди одлуката за суспендирање на Хајрулахи

Советот на јавни обвинители ја потврди одлуката за оддалечување на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи од функцијата, која беше донесена од Републичкиот јавен обвинител. Жалбата на Хајрулахи беше одбиена како неоснована.

Одлуката беше донесена со седум гласа „за“ и еден „против“, по расправа која беше затворена за јавноста заради заштита на интегритетот на обвинителот. Претседателката на Советот, Душица Димитриевска, ја потврди одлуката за суспензија додека трае кривичната постапка против Хајрулахи.

Кети Петкова, член на Советот, го оспори решението, сметајќи дека Републичкиот обвинител го прекршил Законот за јавно обвинителство и ја нарушил самостојноста на обвинителите. Таа истакна дека е недопустливо суспензијата да биде резултат на кривична пријава за мобинг.

Хајрулахи, кој беше суспендиран по наредба на Основното јавно обвинителство Штип, изрази загриженост дека кривичната пријава против него има за цел да го отстрани и заплаши, како и да влијае на другите обвинители. Нему му се става на товар продолжено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“ и „злоупотреба на службена положба“.

Сподели ја оваа статија