Струмица не доби пари оти конкурирала со веќе почнат проект, Мицкоски апелира до 16 ноември да поднесат нови проекти

Трите локални самоуправи кои не добија пари од унгарскиот кредит, Струмица, Град Скопје и Теарце, до 15 ноември можат да поднесат нови проекти и повторно да се обидат да добијат финансирање од централниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски апелираше градоначалниците да постапат како што постапиле сите останати.

Струмица не доби пари затоа што конкурираше со проект кој веќе е почнат и има избран изведувач и кој што е во тек. Апелирам до раководството на Општина Струмица да ја искористи можноста до 15 ноември да поднесе нови проекти кои што би можеле да ги финансираме. Понатаму Општина Теарце која поднесе проекти преку приватна имејл адреса, го повикувам градоначалникот да постапи како и сите други 79 градоначалници, на начин на кој сето тоа се прави. Имаме некомплетна документација поднесена од Општина Сарај. Очекувам до 10, 15 ноември и ова да биде отстрането. Станува збор за патна инфраструктура во едно населено место, мислам дека е Ласкарци и плус еден водовод. Очекувам до 10, 15 ноември и тоа да биде надминато – рече премиерот Мицкоски.

Тој не гледа политика во одбивањето на проектите поднесени од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Град Скопје се одбиени бидејќи конкурираа со проекти кои се некомплетни. Бараат автобуси, бараат средства за одржување на хигиена на улиците, а истовремено веќе имаат од Владата пренесени околу 10 милиони евра, 600 милиони денари, кои стојат на сметката за реализација на една капитална инвестиција, булеварот Хасан Приштина. Веќе две години за жал ништо не е направено по таа основа. Очекувам во следниот период и таму да се подобрат инвестициските перформанси – рече денес премиерот при посетата на Радиовце, општина Брвеница.

По одбивањето на проектите, градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, обраќајќи им се на струмичани, рече дека нивниот град повторно е трн во окото и дека против нив е отворен фронт кој ќе биде зачеток на нов порив за слобода.

Сподели ја оваа статија