Тошковски: Има обиди за нарушување на меѓуетничките односи

„Јас мирно спијам, така да можат и граѓаните мирно да спијат“- На овој начин одговори министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Дејли Клик на ТВ21 запрашан дали граѓаните можат мирно да спијат по сите најави за можна дестабилизација на државата.

Вели дека во моментов безбедносната состојба е стабилна, иако имало индиции за нарушување на истата.

Водител: Како велите во правна терминологија, индиции…Има ли индиции за нарушување на безбедносната состојба на државата?

Тошковски: Многу пати сум го говорел ова во последните месец дена и сето тоа што сум го кажувал се покажа како реален факт, од аспект на тоа дека постојат обиди за подгревање на меѓуетнички тензии, и тоа сите сме сведоци дека е така, но исто така сите сме сведоци дека МВР и сите останати институции кои што имаат надлежност во безбедносниот сектор, реагираат и ќе реагираат во иднина.

Но, што се случи со наводните вооружени групи за кои зборуваше Христијан Мицкоски во предизборната кампања, кои наводно се собирале во Чаир, а биле предводени од луѓе блиски до Али Ахмети. Дали навистина постоеле такви групи?

Тошковски: Имаше такви индиции во минатото.

Новинар: Имаше ли такви вооружени групи низ Чаир.

Тошковски: Имаше такви индиции во изминатиот период, имаше такви информации во изминатиот период и во иднина за се она за кое што ќе има соодветни докази, МВР ќе постапи соодветно.

Новинар: Значи за ова немало доволно докази да се постапи.

Тошковски: Па, не беше таков мојот одговор. Мојот одговор е за се она што ќе има доволно докази, докази кои што ќе поткрепат соодветно обвинение, истото ќе биде процесуирано.

Новинар: Процесуирано ли е нешто од ова?

Тошковски: Во овој момент не можам да одговорам.

Што се однесува до борбата против високиот криминал и корупција, Тошковски најави дека има истраги за одредени министри кои биле на функција во минатото за можна злоупотреба на службената позиција. Но, со оглед на тоа дека се е во предистражна постапка, поради пресумција на невиност, не може да споделува повеќе детали.

Сподели ја оваа статија