Трајков: Народот честопати бил изневерен, нема простор за нови разочарувања

Сметам дека Македонија е повеќе од подготвена за почеток на преговорите, особено ако се спореди со ситуациите на земјите од регионот кога тие ги почнуваа своите пристапни преговори. Македонија има постигнато значителен напредок во клучни реформски области, а доказ за тоа се извештаите кои Македонија ги добива и во кои јасно се потврдува дека земјата е подготвена да ги отвори пристапните преговори, но единствена пречка беа билатералните спорови, прво со Грција, а сега со Бугарија. Продолжувањето на овој реформски пат и градењето стабилни односи со соседите ќе бидат клучни да се осигура поддршка за пристапување – вели заменик-министерката за европски прашања, доц. д-р Викторија Трајков во интервју за Република.

Судството, корупцијата, владеењето на правото – тоа се трите области за кои Македонија има загрижувачки забелешки од ЕК. Трајков коментира дека поради тоа се неопходни длабоки реформи во правниот систем.

На врвот на интересот на граѓаните и на Владата, но и на европската агенда и Европската Унија, е токму тоа. Наидуваме на страшни и поразителни случувања. Јас немам ингеренции во тој дел, но како дел од европската агенда и поглавјата поврзани со правото и правната држава, чувствувам обврска да се задржам на ова. Оваа тема не смее да има партиски или етнички предзнак. Законот треба да важи за сите. Народот е изневеруван по овие прашања многу пати досега и нема простор за нови разочарувања. Владеењето на правото, судството и корупцијата се нашата најголема болка. Борбата против корупцијата мора да биде безмислосна ако сакаме напредок. Од оваа борба зависи напредокот на нашата држава на секое поле. Корупцијата е длабоко навлезена во секоја пора од општеството и, за жал, стана нормално да се зборува дека за да се заврши некоја работа, ти требаат врски или мито. Еве на пример, овие денови излезе анкета од Стопанските комори, во која бизнисмени сведочат дека за време на минатата власт на приватни компании им биле барани oд 1.000 до 10.000 евра за одредени дозволи, инспекциски надзори, царински, а кај јавните набавки 6 до 10 проценти од вредноста на тендерот. Дури 78 отсто од коруптивните барања доаѓале од централната власт. Сето ова само ја намалува довербата на граѓаните во институциите. Затоа, важно е и да има судски епилог за сите случаи поврзани со корупцијата – додава Трајков.

Заменик министерката смета Извештајот на ЕК е објективен и реален. Таа вели:

Ние ваков извештај очекувавме, иако морам да подвлечам дека овој извештај во голема мера е „наследен“ од минатата власт. Оваа Влада трае нешто повеќе од сто дена, кус период што било да се смени или да се поправи. Со Извештајот добиваме насоки за области во кои сме направиле напредок и за оние каде што е потребна поголема посветеност. Оваа објективност е вредна за нас, бидејќи ни дава поттик да ги подобриме состојбите и да продолжиме со реформите.

Сподели ја оваа статија