Трговците свесно ги лажеле граѓаните – јогуртот од 1 литар го продавале во единица мерка килограм

Есенската потрошувачка кошничка, мерка со која Владата се обиде да го намали и да го контролира трендот на зголемување на цените на основните прехранбени производи, го губи своето дејство на крајот на овој месец кога таа мерка завршува, по што трговците ќе можат слободно да ги формираат цените на производите кои сега се ограничени, иако, треба да се прилагодат на Законот за нефер трговски практики.

Сега се поставува прашањето дали завршувањето на важноста на мерката ќе доведе до нов бран на зголемување на цените, или пак, како што претходно најавија од Министерството за економија, мерката ќе продолжи со Божиќна, односно новогодишна потрошувачка кошничка, а потоа со Велигденска, Рамазанска и тн, останува да се види. Исто така, многу се очекува и од спроведувањето на Законот за нефер трговски практики.

– Точно е тоа дека со закон во Македонија е дозволено пакување од 1 кг и од 1л на јогуртот, но општо познат факт е дека 1 кг е помалку од 1 л и изнесува 950 до 980 мл. Она што е забележано на терен  е дека на рафт кај трговците на мало  инспекторите наоѓаат производ од 1 кг јогурт, а на етикетата за означување цени стои дека е 1 л. Со ова се доведуваат во заблуда потрошувачите, а ние како институција тоа нема да го дозволиме“, вели директорот на ДПИ Горан Трајковски.

Според извештајот на ДПИ, биле изречени 30 прекршочни платни налози во вредност од над 4 милиони денари, при што биле казнети маркети во Скопје, Битола, Струмица, Валандово, Охрид, Куманово, Гостивар, Струга. Казните предизвикаа револт, па дури и најави за тужби, а директорот Горан Трајковски, рече дека нема да го поколебаат притисоците од некои производители кои одат со профитни маржи дури од 70 проценти, и повторно кажа за  манипулациите на трговците со единиците мерки на производите.

Владината мерка за ограничување на бруто профитната маржа на дел од основните прехранбени производи до 10 проценти, завршува на  крајот на месецот, по што трговците ќе можат слободно да ги формираат цените.

Сподели ја оваа статија