Трендафилов: Тешко е да преживеете со 370 евра денеска кога минималната синдикална кошничка веќе изнесува повеќе од 1.000 евра

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) очекува да го разгледа предлог-буџетот за следната година во делот за раст на платите, но очекува раст на платите да има и во следните два месеца на вработените во секторите чии плати годинава не беа покачени. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека го охрабрила сменетата реторика на Владата.

„Тоа што мене лично ме охрабрува, а и ССМ како организација на работниците, е тоа што од реториката – нема, нема, нема, нема, полека почнуваат да се изнаоѓаат средства за раст на платите на вработените во оние сектори што не добија оваа година. На последната седница на Економско-социјалниот совет добивме ветување од претседателот на Владата и од министерот за економија и труд дека по поминувањето на првичниот филтер во Владата и сработеното во собраниската комисија, кога ќе го вратат буџетот со забелешки и предлози по амандманите од страна на пратениците, ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет, на која ќе ги гледаме ставките во буџетот што се однесуваат на растот на платите, кои се потребни да се реализираат и оваа, меѓутоа и наредната година“, вели Трендафилов.

Покрај проекциите во буџетот за следната година, во следните два месеца Трендафилов смета дека треба да се покачи и минималната плата, а покачување да има и в година.

„Се разбира дека и растот на минималната плата, кој треба да се реализира побргу, треба да биде предвиден и во новиот буџет, меѓутоа ќе треба да се предвидат средства, веројатно, и оваа година доколку се случи тоа што е можно побргу имајќи предвид дека животот на работниците и животот на граѓаните станува сѐ поскап. Тешко е да преживеете со 370 евра денеска кога минималната синдикална кошничка веќе изнесува повеќе од 1.000 евра“, рече претседателот на ССМ, Трендафилов.

ССМ уште во мај побара еден од приоритетите на новата Влада да биде покачување на минималната плата на 450 евра. Минималната плата за оваа година, според последните пресметки на Државниот завод за статистика, изнесува 22.567 денари или 366 евра.

Сподели ја оваа статија