Филипче: СДСМ нема да го гласа Буџетот со кој Владата ќе го зголемува долгот и партиски ќе вработува во администрацијата

Овој буџет не може и не смее да биде поддржан, затоа што со вакви политики, Владата само ќе ја задолжува државата, ќе товари нови вработувања во администрацијата, ќе го зголемува долгот, ќе си троши на стоки и услуги, а за граѓаните ќе нема ништо, порача претседателот на СДСМ и пратеник во Собранието Венко Филипче при расправата за предлог буџетот за 2025 година.

Филипче кажа и дека СДСМ нема да гласа за ваков буџет и потсети дека неговата партија поднесе 200 амандмани на Предлог – Буџетот

„Како одговорна опозиција, поднесовме повеќе од 200 амандмани за подобрување на клучните фискални политики. Прво, предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, особено во образованието, полицијата и на пожарникарите. Тоа се позиции каде треба да се мотивираат вработените за да се подобрат јавните услуги. Во Министерството за внатрешни работи предлагаме покачување на платите за 20% и распределба на средства за набавка на технолошка опрема за безбедност. Амандманите за здравство вклучуваат набавка на нова медицинска опрема, подобрување на капацитетите на Итната помош, како и доусовршување на лекарите и медицинскиот персонал. Амандманите за енергетиката и животната средина предвидуваат одржлив развој преку подобрување на енергетската инфраструктура, поттикнување на користење на електрични возила и субвенции за домаќинствата што ќе инсталираат фотоволтаици. За земјоделците, бараме значајна финансиска инјекција од 700 милиони денари за поддршка на младите земјоделци, со цел тие да останат и да инвестираат во оваа гранка. Со рамномерна распределба на капиталните инвестиции по општини, ќе обезбедиме помалите и послабо развиените региони да ги достигнат економските стандарди“ рече Филипче.

Според него, овие ќе придонеле за поефикасно искористување на буџетските средства и ќе обезбедат економски и социјален напредок за граѓаните и за македонската економија.

Сподели ја оваа статија