Меѓународната инвестициска групација „Алпак Капитал“ постигна договор со „Јунајтед Груп“ за купување на „Адрија њуз нетворк“ (АНН), што ги обединува медиумите Н1, „Нова С“, „Вијести“ и „Данас“.
Како што објави порталот Н1, „Алпак Капитал“ е избран поради понудата што гарантира „зачувување на уредувачката независност и постојниот модел на управување“.
„АНН“ претставува важен додаток на нашето медиумско портфолио во кое ќе продолжиме да инвестираме со цел да обезбедиме раст и развој. Во „Алпак“, веруваме во неутрално и базирано на факти, независно новинарство, со стабилни и одржливи деловни и финансиски резултати. Ова не се празни зборови – ова се потврдува секој ден со работата на нашите новинари, како и со препознавањето на независни и кредибилни организации на пазарот“, се наведува во соопштението на „Алпак Капитал“.
„Јунајтед Груп“ е телекомуникациски и медиумски оператор во Југоисточна Европа, во мнозинска сопственост на инвестициската компанија БЦ Партнерс.
Во февруари 2026 година, „Јунајтед Груп“ ги обедини своите медиумски операции во БиХ, Хрватска, Црна Гора, Србија и Словенија под еден независен бренд, „Адрија њуз нетворк“ („АНН“), со свој целосно независен одбор и надзор од страна на Уреднички совет составен од светски познати меѓународни медиумски професионалци. Воспоставените и наградувани брендови на АНН, вклучувајќи ги „Н1“, „Нова С“, „Вијести“ и „Данас“, обезбедуваат мултимедијални вести за комбинирана публика од повеќе од 16 милиони луѓе и вработуваат повеќе од 1.000 новинари и друг персонал.
