Додека пожари беснеат во земјава директорот на ДЗС Стојанче Ангелов смета дека добро се справуваат со нив. Наместо интервентна единица тој доби пренаменети оклопни возила и доброволци во најава, но во интервју за РСЕ вели дека не е задоволен. За жртвите се истражува дали се од пожарите.
Господине Ангелов, неделава низ државата имаше многубројни пожари. Во нив има и материјална штета, но и жртви. Каква е вашата оценка, како државата се справува со овие пожари?
Пожари имаше и неделата претходно и неделата пред таа. Ескалацијата се случи оваа недела. Во еден ден имавме 63 пожари, најмалку 63 пожари. Силниот ветер, исклучително силниот ветер кој на моменти дуваше со повеќе од 60 км, па до 85-86 км, во зависност од подрачјето, направи голема беља, затоа што придонесуваше за брзо ширење на пожарот, кој по сувата вегетација, трева, грмушки, зафати неколку објекти. Со самото тоа што во наредниот ден без малку и да немаше активни пожари, сметам дека исклучително успешно се справивме со овие 63 пожари,бидејќи толкав број на пожари во еден ден се крупен залак и за многу помоќни држави, но сите државни ресурси, сите локални ресурси, вклучително и голем број на граѓани кои си го бранеа своето, беа на терен, се бореа против пожарите и успеавме да ги изгаснеме или ставиме под контрола сите овие 63 пожари.
Вие се залагате за формирање на една противпожарна интервентна единица. Но во моментов гледаме дека државата се справува со возила кои се пренаменети од војнички во противпожарни и од друга страна е распишан веќе и оглас за ангажирање на 400 доброволци кои ќе добиваат некаков хонорар за да се справуваат со пожарите. Дали е тоа она за што вие сонувавте, за што се залагате за да се создаде како одбрана, противпожарна одбрана во државата?
Патот долг 1000 милји започнува со еден единствен чекор. Ова е првиот чекор, бидејќи сега во суштина, ако гледаме функционално, започнува да се формира специјалната единица за која зборувам неколку години наназад. Во овој момент ние имаме со војнички речник две чети, една која веќе е формирана, тоа е оклопната чета, со војнички речник повторувам, во суштина се работи за поранешни воени возила кои се пренаменети во противпожарни возила.
Чија беше оваа идеја за овие оклопни возила да се стават во функција? Коментарите се дека сепак се импровизира со нив. Сепак тие не се создадени за намената која сега се користат?
Па комитите во 19-тиот век, на почетокот на 20-тиот век, од цреша правеле топ и тие импровизирале. Овие возила…
Но, сега живееме во едно понапредно време, не се назадува ли со ова?
Овие возила имаат исклучително моќни мотори, исклучително моќна шасија која може да го носи товарот од 6 тона. Зборувам за БТР-80 на кој има монтирано резервоар за вода од 6 тона. Притоа, во самиот резервоар за вода или условно да ја наречам цистерна за вода имаме ќелии, така што водата не се движи слободно, со што би го намалувала балансот, односно рамнотежата на самите возила. Возилата се сестрано тестирани од врвни стручни лица, почнувајќи од машински инженери. Возилата се тестирани, испитани, имаат поминато технички преглед и уредно се регистрирани на име на Дирекцијата за заштита и спасување.
Чија беше оваа идеја? Како се дојде до оваа идеја да се стават во употреба?
Идејата потекнува од неколку луѓе, но генерално најзаслужни за реализација на оваа идеја се премиерот Христијан Мицкоски, кој лично беше инволвиран, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој беше цело време логистика, вклучително и сега, затоа што одржувањето на волкав број на возила е крупен залак би рекол. Но не треба да се потценуваат овие возила. Минатите неколку дена тие беа успешно користени во реална ситуација.
Знаете, коментарите се дека не одиме напред со нешто помодерно, со поспецијализирани возила за различни терени, туку напротив се враќаме назад со возила кои се воени, не допираат ли до вас овие критики?
Најверојатно читаме различни коментари. Јас читав коментари на пожарникари и на луѓе од оваа област кои пак се воодушевени. Но генерално, ниту едните ниту другите нема мене како директор на Дирекцијата за заштита и спасување да ме натераат да креирам политика врз основа на коментари на обични граѓани кои ги сакам, ги почитувам, знам дека имаат добра намера, но немаат доволно познавање. Зошто вие мислите дека некој обичен граѓанин, притоа може да е професор на некој факултет, но не од оваа област. Може да е некој функционер, може да е обичен работник, може да е возач, може да е било што. Зошто мислите дека тој знае повеќе од инженерите кои работеа на прилагодување на овие возила или од мене кој командува со овие возила. Јас ве убедувам дека овие возила драстично ја зголемија нашата моќ за борба против пожарите и ние тоа го покажавме. Во еден ден да се изгаснат повеќе од 63 пожари не е ниту лесно ниту едноставно.
Повеќе на РСЕ