„Принцот Ендру отсега ќе биде познат како Ендру Маунтбатен Виндзор“, се вели во соопштението, објавено од Би-Би-Си.
Во официјалното соопштение од Бакингемската палата се наведува:
„Неговото Височество (кралот Чарлс) денес започна формална постапка за одземање на принцот Ендру од неговите титули и почести. Неговиот закуп на резиденцијата во Кралската ложа досега му обезбедуваше правна заштита за да продолжи да живее таму. Сега формално му е доставена наредба за раскинување на неговиот закуп и ќе се пресели во друга приватна резиденција. Овие мерки се сметаат за неопходни, и покрај фактот дека тој продолжува да ги негира обвинувањата против него“.
Според достапните информации, принцот Ендру ќе се пресели во една од резиденциите на приватниот имот Сандрингам во Норфолк.
Трошоците ќе ги сноси приватно кралот.
Да се потсетиме дека принцот Ендру беше едно од луѓето поврзани со Џефри Епштајн. Епштајн е осуден сексуален престапник кој со децении организирал мрежа за сексуално злоставување малолетници, честопати во друштво на богати и моќни – вклучувајќи политичари, бизнисмени и познати личности.
Принцот Ендру беше обвинет дека имал сексуални односи со една од жртвите на Епштајн кога таа била малолетничка. Ендру ги негираше обвинувањата, но во 2019 година беше повлечен од јавна функција, а во 2022 година постигна вонсудска спогодба со жената што го тужеше.