Федерални агенти на американската имиграциска служба- ICE за време на интервенција во Минеаполис убија маж, потврдија извори блиски до истрагата.
За помалку од три недели ова е втор смртоносен инцидент во кој се вклучени имиграциските агенти, што дополнително ги разгоре тензиите во Минеаполис, градот во кој со недели има протести против федералните власти.
Според достапните информации, мажот бил застрелан во областа на Јужен Минеаполис, а подоцна беше потврдено дека починал од здобиените повреди.
Шефот на полицијата во Минеаполис изјави дека кога полицајците пристигнале на местото на пукањето, во кое биле вклучени федерални агенти, пронашле маж со повеќекратни прострелни рани. Тој потврди дека мажот починал и дека, врз основа на „многу ограничени информации“, се верува дека станува збор за 37-годишен бел маж, жител на Минеаполис и американски државјанин.
Министерството за внатрешна безбедност на САД (DHS) ја објави својата верзија на настаните во врска со пукањето во Минеаполис во кое федералните агенти на ICE убија еден човек, тврдејќи дека имал намера да нападне полицајци.
Според соопштението на DHS, во 9:05 часот утрината, еден човек им се приближил на агентите на Граничната патрола додека тие спроведувале операција против лице кое го опишале како „нелегален имигрант“. Министерството наведе дека човекот бил вооружен со полуавтоматски пиштол од 9 милиметри.