Во рамките на реформите кои се подготвуваат за безбедност и независно обезбедување во Собранието, спикерот Африм Гаши најави дека со посебен закон, околината на Собранието ќе биде прогласена за безбедносна зона.
Предлог-законот предвидува сериозни ограничувања во периметарот околу Собранието, вклучувајќи целосна забрана за одржување јавни собири, протести, манифестации и летање со дронови. Покрај тоа, ќе се забранат и сите градежни активности и поставување на инсталациона или линиска инфраструктура во дефинираниот безбедносен простор.
Според член 8 од законот, ќе бидат забранети:
Градежни активности;
Поставување на линиска и инсталациона инфраструктура;
Јавни собири, протести и манифестации;
Летање со дронови и други беспилотни летала над Собранието и безбедносната зона.
Со законот се предвидува и укинување на сите претходно одобрени дозволи за градба во оваа зона, како и раскинување на постоечките договори за земјиште во просторот што ќе биде прогласен за безбедносна зона.
Покрај Африм Гаши, предлогот е потпишан и од пратениците Беким Коку, Блерим Беџети, Борислав Крмов, Весна Бендевска, Никола Мицевски и Оливер Спасовски. Надлежно работно тело за разгледување на законот е Комисијата за одбрана и безбедност.
Предлогот доаѓа во период на зголемени политички тензии и зачестени протести, што веќе предизвикува реакции во јавноста и кај граѓанските организации, поради можноста за ограничување на уставно загарантираните права и слободи.