По последниот земјотрес синоќа, професорот на Институтот за географија, д-р Ивица Милевски, апелира дека нема причина за загриженост. Тој нагласува дека сеизмичките случувања се дел од долготрајни геолошки процеси и дека земјата постојано се менува, но тоа е природен феномен.
„Ништо страшно, немирната Шар Планина уште се извишува, макар можеби само за десетина милиметри одеднаш, што и не е малку. Нека си тера таа како што тера со милиони години, малку по малку, а ние може да си одмориме“, напиша Милевски.
Неговиот коментар се однесува на земјотресот со јачина од 4,6 степени според Рихтеровата скала, со епицентар на територијата на Косово, кој вчера беше почувствуван и во Македонија, вклучително и во Скопје и во Тетово.
Два дена претходно, во неделата вечерта во 23:09 часот, уште еден земјотрес бил регистриран во истото подрачје. Според податоците на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, земјотресот бил почувствуван во Тетово и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала, со епицентар на околу 46 километри северозападно од Скопје и локална магнитуда ML3.0.