Јапонија беше втора во светот по нето девизни средства на крајот од 2024 година, зад Германија, губејќи ја позицијата што ја држеше 33 години по ред како најголема земја-кредитор во светот, соопшти во вторник јапонското Министерство за финансии.
Нето девизните средства на Јапонија, кои претставуваат разлика помеѓу странските средства во сопственост на јапонската влада, компаниите и граѓаните и надворешниот долг, односно странските инвестиции во Јапонија, се зголемија за 12,9 проценти во споредба со претходната година и изнесуваа околу 3.377 милијарди долари (приближно 533.050 милијарди јени), достигнувајќи рекордна вредност шеста година по ред.
Според податоците за девизниот курс објавени од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), нето девизните средства на Германија на крајот на 2024 година изнесуваа околу 3.608 милијарди долари (приближно 569.651,2 милијарди јени). Германија, која има трговски суфицит, очигледно ги зголемува своите нето девизни средства побрзо од Јапонија, која во последниве години трпи трговски дефицит.
Кина се најде на третото место, со нето девизни средства од околу 3.271 милијарди долари (приближно 516.280,9 милијарди јени). Курсот на доларот на крајот од 2024 година изнесуваше 157,89 јени, што е за околу 16 јени повеќе од претходната година.
Слабеењето на јенот го зголеми надворешниот долг на Јапонија за околу 177 милијарди долари (приближно 28.000 милијарди јени), додека странските побарувања се зголемија за околу 697 милијарди долари (приближно 110.000 милијарди јени).