Лажна вест е тврдењето на СДСМ дека семејството на Премиерот Христијан Мицкоски патувало до Сплит, Хрватска. Службениот авион стар 20 години е користен исклучиво од премиерот Мицкоски, без семејна придружба за негови службени потреби, и во период од две години само за 4 патувања во соседството, велат од Владата.
Лицемерно е однесувањето на СДСМ и лидерот Венко Филипче, кој во затворени разговори се согласува за набавка на нов владин авион, а во јавност сосема спротивно истото го критикува. Додека СДСМ и Венко самите се договорат со себе, апелираме информациите кои произлегуваат од оваа партија да се земаат со голема претпазливост поради нејзините шпекулативни намери, се додава во демантот на Владата испратен до медиумите.
Претходно СДСМ преку соопштение праша да биде објавено кој заедно со премиерот патувал заедно со авионот.
Владата на Мицкоски, во обид да го оправда неговото луксузирање со владиниот авион на Јадранското Море, соопшти јавно дека наводно „авионот бил користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење“ и дека „секое користење е евидентирано, документирано“ – се вели во соопштението од СДСМ испратено до јавноста.
Ако навистина авионот бил користен согласно процедурите, бараме Владата да го докаже тоа и да го објави списокот на патници, кој бил заедно со Мицкоски во владинот авион.