Сериозни сомнежи за злоупотреба на видеонадзор и нарушување на приватноста се отвораат во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), каде што вработени протестираат дека директорот Оливер Миланов воспоставил систем за постојано следење на нивното движење – во живо, од својата канцеларија, објави порталот „А1он“.
Како што пишува порталот, повикувајќи се на сведоштва од вработени, во Агенцијата е поставена мрежа од најмалку осум камери распоредени на повеќе катови, кои ги покриваат ходниците, влезовите и пристапите до канцелариите. Според вработените, она што загрижува е начинот на кој камерите се користат.
Во канцеларијата на директорот е поставен монитор поврзан со сите камери. Според вработените, уредот е постојано вклучен и се користи за директно следење на нивното движење.
– Се гледа кој каде оди, кој влегува во која канцеларија, па дури и кога некој оди во тоалет – велат извори од институцијата за А1он.
Ова, според нив, создава атмосфера на постојан притисок и страв, каде секое движење е потенцијално предмет на контрола. Дополнителна загриженост, според нив, претставува тоа што не е јасно кој има пристап до снимениот материјал, ниту каде и како истиот се чува и архивира.
Поради овие сомнежи, веќе е поднесена претставка до надлежната институција, со барање да се испита дали директорот го прекршил Закон за заштита на личните податоци.
Според содржината на претставката, видеонадзорот во АХВ излегува надвор од законската рамка и се користи како средство за контрола, а не за безбедност.
Од Агенцијата за заштита на личните податоци се очекува да утврди дали постои прекршување на законот, но и да постави јасни граници за тоа до каде смее да оди видеонадзорот во јавните институции.
Директорот на АХВ, Оливер Миланов е член на Социјалистичка партија и назначен е на оваа позиција како политичко решение. Нема соодветно образование за функцијата во АХВ бидејќи дипломирал Стоматологија, но не успеал да го положи завршниот државен испит на овој факултет и при неколку обиди. Син е на поранешниот пратеник на Социјалистичката партија, Стојан Миланов, и внук на долгогодишниот прв човек на партијата Љубисав Иванов-Ѕинго.
