Ивица Дачиќ, вицепремиерот на Србија и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС), од вчера е хоспитализиран поради тешка пневмонија, а помошник-директорот на Клиниката за пулмологија, Спасоје Попевиќ, утрово изјави дека состојбата му е постабилна од вчера, но претстои уште борба, пренесе Еуроњуз.
Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба. Прерано е да прогнозираме што било. Во овој момент ситуацијата е постабилна отколку што беше за време на вчерашното обраќање“, изјави доктор Попевиќ.
Тој апелираше до сите медиуми да имаат разбирање за семејството на министерот и за сите негови пријатели.
Наше е да си ја завршиме работата“, посочи докторот.
Дачиќ рано утрово во болницата во Белград го посети и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е некако подобра. Верувам во него, а сега насоката е Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, рече Вучиќ во свое видеообраќање на неговиот инстаграм-профил.