Советот на Европската Унија и Европскиот парламент вчера усвоија привремен договор за постепено воведување на Системот за влез/излез (EES), нов дигитален систем за управување со границите.
„Благодарение на овој договор, земјите-членки ќе можат да имплементираат нов систем за управување со границите за регистрација на влезот и излезот на граѓани кои не се членки на ЕУ во Шенген зоната.“ „Ова е добра вест и ќе ги поддржи нашите напори за обезбедување на нашите граници“, рече полскиот министер за внатрешни работи Томаш Симонијак, како што е објавено на веб-страницата на Советот на ЕУ.
Договорот постигнат е привремен и ќе треба да биде потврден од Советот на ЕУ и Европскиот парламент пред да може официјално да биде усвоен од двете институции.
Системот EES е ИТ систем кој дигитално ќе ги евидентира влезовите и излезите, податоците од пасошот, отпечатоците од прсти и фотографиите на лицето на граѓаните на земјите надвор од ЕУ кои патуваат за краток престој во една од 29-те европски земји.
Овој систем, кој ќе го замени досегашниот систем со рачно печатење на пасошите, ќе се однесува и на граѓаните на Македонија при преминување на границите на ЕУ.
Како што се наведува на веб-страницата на Советот на ЕУ, во рамки на фазната имплементација, земјите-членки постепено ќе го применуваат системот EES, и ќе треба по првиот месец од примена да регистрираат најмалку 10% од граничните премини.
Во првите 60 дена, земјите-членки ќе можат да го користат EES и без биометриски функционалности, а по три месеци ќе треба да го користат со биометриски функции на најмалку половина од своите гранични премини.
A successful outcome of negotiations between @Europarl_EN and @EUCouncil on the Entry/Exit System (EES)!
The EPP Group fully supports the swift and complete deployment of the #EES and agrees with its progressive launch.
Read more on EES below⤵️ pic.twitter.com/1IKd1D9zVP
— EPP Group (@EPPGroup) May 19, 2025
До крајот на овој транзициски период, земјите-членки ќе продолжат и со рачно печатење на патните исправи. Уредбата за воведување на системот EES не утврдува конкретен датум за почеток на имплементацијата, бидејќи тоа бара посебна одлука од Европската комисија.
Законодавците се согласија дека во текот на постепеното стартување на системот EES, земјите-членки можат целосно или делумно да го прекинат функционирањето на системот на одредени гранични премини во исклучителни околности – на пример, поради интензивен сообраќај што може да доведе до големи редици.
Министрите за внатрешни работи на ЕУ во март ја одобрија и ревидираната мапа на патот за воведување на т.н. архитектура на интероперабилност – меѓусебно поврзан ИТ систем за управување со граници и спроведување на законите.
Според мапата на патот, усвоена од управниот одбор на агенцијата eu-LISA, задолжена за изградба на ИТ инфраструктурата, постепената примена на EES ќе започне во октомври 2025, додека Европскиот систем за патни информации и одобрување (ETIAS) ќе започне со работа во последниот квартал од 2026 година.
Системот ETIAS, кој исто така ќе се применува и на граѓаните на Македонија, ќе бара патниците да добијат патна дозвола за ЕУ, која ќе чини седум евра.
Системот EES ќе го применуваат:
Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија,
додека на Кипар и во Ирска пасошите и натаму ќе се печатат рачно.
Одобрението за патување преку системот ETIAS ќе го бараат сите земји кои ќе го применуваат EES, како и Кипар.