Венецијанскиот карневал започна вчера под мотото инспирирано од Зимските олимписки игри 2026 година, славејќи ги „универзалните теми на играта и предизвикот“.
Годинешното издание, под наслов „Олимп – потеклото на играта“, се одржува паралелно со подготовките за Зимските олимписки игри во северна Италија, кои започнуваат в петок.
Официјални домаќини на Игрите се Милано и Кортина д’Ампецо, но дел од натпреварите ќе се одржат и во регионот Венето, чиј главен град е Венеција.
Се очекува десетици илјади посетители од целиот свет да присуствуваат на карневалот, кој ќе трае до 17 февруари.
Програмата вклучува раскошни маскенбали и паради со гондоли по венецијанските канали, а голем дел од учесниците носат традиционални венецијански маски.
Денеска, маскирани учесници и туристи можеа да се видат низ уличките околу плоштадот Свети Марко.
Венецијанскиот карневал потекнува од Средниот век. Иако традицијата била прекината во одреден период, таа подоцна била обновена и денес претставува еден од најважните туристички настани во градот.
Минатогодишното издание, под мотото „Во времето на Казанова“, беше посветено на 300-годишнината од раѓањето на прочуениот заводник и една од најпознатите личности од Венеција.
Зимските олимписки игри ќе продолжат неколку дена по завршувањето на карневалот, до 22 февруари.