Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека развојот на состојбата со иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, поднесена до Уставниот суд од поранешната пратеничка на ДОМ Лилјана Поповска, ќе потврди дали уставните измени се единствената пречка за Бугарија за откочување на нашиот евроинтеграциски процес.
Бугарија во официјалните позиции до кои се држи барем досега вели дека единствен проблем се уставните измени. За жал, не верувам во тоа бидејќи ја следам и реториката и она што се прави на дело, вклучително и она што се случува во Европскиот парламент. Меѓу другото и развојот на оваа состојба ќе биде една потврда дали се само уставните измени проблем или има нешто многу повеќе. Пред сѐ, бидејќи овој протокол во неговата содржина излегува надвор од рамките на Договорот за добрососедство каде што Бугарија самата е обврзана да нѐ поддржува на патот во евроинтеграциите. Ќе следиме, имаме повеќе сценарија, размислуваме што може да се случи, секако наш приоритет останува патот кон членство во ЕУ за разлика од нашите претходници“, рече Муцунски вчера во гостување на ТВ Канал 5.
Според него, т.н. протокол е еден од најштетните документи во историјата на нашата надворешна политика и таков каков што е во овој момент нема никаква задолжителна правна примена.
„Тоа е од повеќе причини, веројатно и Уставниот суд треба да даде свое гледиште, од гледна точка на самата процедура, од гледна точка како е тој склучен, земајќи го предвид меѓународното јавно право, неговата содржина и тоа што си го има дозволено да го потпише мојот претходник најдиректно кажано е катастрофално и може да создаде многу негативни и штетни последици. Но, во овој момент тој нема никаква задолжителна правна примена и не произведува никави правни последици за државата“, рече Муцунски.
Имаме, нагласи, постапка пред Уставен суд, тој треба да биде независен и да го даде своето гледиште, но таму има елементи, работи и детали, дури и некои аспекти кои не соодветствуваат со вредностите на 21. век и вредностите на ЕУ.
Муцунски порача дека нашите односи со Софија не треба да се мерат со ваков вид прашања, туку треба да бидат прогресивни, да гледаат кон иднината и да бидат насочени кон изноѓање решенија.
„Да очекуваме дека Софија конечно ќе излезе од реториката на 19-от век. Не може земја членка на ЕУ постојано да се повикува на стандарди поврзани со човекови права, а истовремено да негира права поврзани со самоопределувањето, со нашето толкување на нашата национална историја, на нашиот јазик и на други елементи кои се дел од нашите т.н. идентитетски обележје како како народ, Тоа е фундаментално човеково право. Нашите билатерални односи треба да бидат во насока на наоѓање решенија за сите овие предизвици и гледајќи напред да ја движиме државата кон ЕУ“, рече Муцунски.
Тој соопшти дека сѐ уште нема одговор од бугарската страна за предлогот од премиерот Христијан Мицкоски до Европскиот Парламент да се поднесе заедничка резолуција за гаранција на македонскиот идентитет и јазик.
Со бугарскиот колега Георг Георгиев нема остварена формална комуникација, но вели дека веројатно по летните одмори ќе има повеќе можности да се сретнат.
„Отворени сме за дискусија. Сите досегашни средби се иницијативи од наша страна, мора да се гледаме, мора отворено да дискутираме и да бараме решенија. Ние разбираме дека ние сме таа земја која сака да ги почне преговорите со ЕУ и дека ја имаме од таа глдна точка ургентноста за наоѓање решение и низ таа призма треба да се гледа иницијативата на премиерот. Имаме јасно очигледно и недвосмислено негирање на идентитетот и јазикот. Факт е дека има земја членка на ЕУ која го негира македонскиот идентитет и низ призмата на таа негација воспоставува пречка. Ова е една од тие иницијативи на нашата прокативност за наоѓање наин да се надмине таа пречка која може да има и далекусежна последица“, рече Муцунски.
Тој вели дека неговиот претходник Бујар Османи по неодамнешната кандидатура за градоначакник на Чаир упатил опасни наративи за нарушување на унитарниот карактер на државата кои се штетни и за регионалната стабилност.
Муцунски најави дека ќе се преземат проактивни мерки да се спречуваат таквите наративи. Оцени дека тие кои со години лажеле дека се вистински Европејци „една кампања за локални избори и борба за само една градоначалничка позиција ги довела до ситуација да бидат наративи од 19 и 20 век“.
„Човекот кој со години нѐ убедуваше дека го има на ум најдорбиот интерес за Македонците кога носи одлуки, упати порака на јасен политички проект за редефинирање на државата. Многу опасно, не само за нас, порака која е страшно опасна за целиот регион. Зборуваше за т.н. автономија во одлучувањето, практично отвараше теми за создавање држава во држава. Прво јасно треба да му биде дадено до знаење, дека унитарниот карактер на државата никој нема да го наруши. Оваа држава, ниту била ниту ќе биде федерација или конфедерација. Ваквите повици се опасен наратив кон тоа. Што сака тој да каже, автономија во одлучвањето? Дали тоа треба да значи дека Македонците што живеат во Чаир треба да бараат автономија на одлучувањето да создаваме општини во општини, држави во држави? Јасно е дека овие луѓе имаат изгубено тотален компас, јасно е дека можеби живеат во некои наративи од минатиот век за големи албански држави и сето тоа. Ова е Европа, Европа во 21 -ви век и ова е земја членка на НАТО. Ваквите ризични опасни наративи за нарушување на унитарниот карактер на државата не само што максимално ги осудуваме, туку ќе преземе проактивни мерки да ги спречуваме“, рече Муцунски.
Тој дополни дека верува во соживот и дека Македонците, Албанците, Турците, Ромите, сите националности кои живеат тука, сакаат соживот, држава која е развиена, сакаат да се зборува за инвестиции, за европскиот пат.
„Верувам и работам не само на внатрешна кохезија, туку и за одлични билатерални односи со Косово, Албанија, Србија, Бугарија, Грција, со сите земји од поширокиот регион, но ова се наративи кои ни штетат нам и на регионалната стабилност. Не само што ќе ги осудиме туку и ќе преземе проактивни мерки да ги спречуваме. Овие кои со години не лажеа дека се вистинските Европејци кои веруваат во европски вредности видовме како една кампања за локални избори, како борбата за само една градоначалничка позиција ги доведе до ситуација да будат наративи од 19 и 20 век“, рече Муцунски.